Протест во Скопје и Валандово против изградбата на рудници во југоисточна Македонија

Граѓани на Валандово и Скопје побараа од Владата да ја стопира изградбата на рудикот „Казандол“ во Валандовско. Граѓанските иницијативи и здруженија од Југоисточна Македонија кои се противат на отварање рудници во најземјдоелскиот регион во Македонија, упатија апел до премиерот и претседателот на Република Македонија да го слушнат гласот на граѓаните кои не сакаат рудници до своите домови.

„Се бориме да ја зачуваме нашата животна околина и да обезбедиме сигурна и здрава природа за нашите деца и нашите поколенија. Да дадеме апел до власта кој и да бидат, да не ги буткаат работите под тепих и да не ги буткаат работите на сила и оти парите не се секогаш единственото нешто за кое треба да се бориме, туку да се бориме за животот“, истакнаа од граѓанска иницијатива.

Тие побараа власта итно да ги исполни своите предизборни ветувања и да направи транспарентна ревизија, како што истакнаа, на сите 86 доделени концесии за изградба на рудници во Источна Македонија, во која ќе бидат вклучени и граѓаните.

„Ние сме тука да кажеме итно стопирање за изградба на рудникот Казандол. Ако дозволиме да се изгради и да почне со работа „Казандол“ и „Иловица“ исто така, тоа е само почеток на крајот. На нас ни следуваат уште 84 доделени концесии во цела Источна Македонија, геноцид врз 400 илјади граѓани на Република Македонија. Сите тие концесии се доделени во еден ден“, рекоа учесниците во протестот.

Според неофицијални извори на Алсат М, веќе наредната недела англиско-украинскиот инвеститор и сите засегнати страни ќе седнат на заедничка маса со премиерот Заев. Не се исклучува и можноста да се раскине договорот.

„Доколку рудниците се затворат еднострано ќе треба како држава да платиме над 70 милиони евра отштета. Експертски тим на владата веќе работи на правно – формалните аспекти и очекуваме дека ќе се најде најпогодното решение, како да се извлечеме од ситуацијата во интерес на здравјето на граѓаните“, велат од Владата на Република Македонија.

Од владата сметаат дека дел од договорите склучени од претходната влада содржат штетни еколошки решенија. Компанијата „Сардич“по две годишните истражувања, лани почна со изградба на комплексот. При геолошките истражувања утврдено е дека има резерви бакар за 20 години. Компанијата планира во првите седум години да оствари приходи од близу 135 милиони евра или околу 20 милиони евра годишно.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien