Пендаровски: Ќе ги завршиме сите обврски до самитот на НАТО!

За разлика од Самиот во Букурешт, се надевам дека овојпат ќе биде доминантен колективниот интерес за безбедна Европа, вели Стево Пендаровски, национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО.

 

Стево Пендаровски, универзитетски професор,поранешен кандидат за претседател и до скоро пратеник во Собранието, пред десетина дена беше именуван од Владата за национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО. Македонија последен пат имаше национален координатор за НАТО во периодот од 2006 до 2009 година, кога на таа функција беше сегашниот министер за надворешни работи, Никола Димитров. Функцијата остана „во мирување“ по неуспехот на Македонија да добие покана за членство на Самитот во Букурешт, во 2008 година. Во разговор за Дојче веле, Пендаровски објаснува кои професионални обврски произлегуваат од оваа значајна функција, и какви се новите околности и шанси во однос на македонските аспирации за членство во Алијансата.

 

Пендаровски:Како што кажува и нејзиното име, оваа работна позиција, која е воведена во владината структура пред деценија и пол, треба да ги координира напорите на сите државни структури надлежни за наше приближување кон Алијансата. Наспроти генералната перцепција дека со НАТО се занимаваат само МО и АРМ, во тој процес со години се вклучени десетина министерства, агенции и служби кои покриваат различни области, од разузнавање до екологија, од макроекономија до правосудство. Значи, идејата за национален координатор не значи тој да ги супституира надлежните институции, ниту да компензира нечија наводна некомпетентност, туку да придонесе за подобра меѓусебна координација, особено сега, кога влегуваме во критичен период од аспект на поканата за членство.

 

ДВ: Што е реално сменето девет години по Самитот на НАТО во Букурешт, на кој, и покрај очекувањата, Македонија не доби покана за членство. Со оглед дека поминавме цела деценија меѓу стагнација и назадување по клучните критериуми, дали главен мобилизатор на процесите повеќе е оценката дека сме на „линијата на огнот“? 

 

Пендаровски: Суштински е сменет и надворешниот и внатрешниот амбиент: во меѓувреме, три нови држави од регионот станаа членки на НАТО; ЕУ остана на Балканот само технички, во суштина се пасивизираше поради внатрешните несогласувања за иднината на европскиот проект, а САД, кои по 11-ти септември веќе го имаа препуштено регионалното лидерство на Брисел, се преместија кон Пацификот, подготвувајќи се за битката за глобално лидерство со единствениот реален конкурент – Кина. Тоа остави празен простор за поголемо присуство на Русија на Балканот, но и за самостоен продор на Турција која во регионот почна да се појавува и надвор од својата долгогодишна западна рамка. Во отсуство на ефективен надворешен мониторинг, неколку регионални лидери започнаа со недемократско однесување без да почувствуваат санкции од Брисел, а меѓу нив, за жал, беше и нашиот долгогодишен премиер кој етаблираше школски пример на автократски режим, невиден на овие простори по падот на Милошевиќ. Во овој контекст, не е прецизно ако кажеме дека изјавата на Кери за ‘државите на линијата на фронтот’, го означи почетокот на американското вмешување во споменатите земји, затоа што кога тој го изговара тоа во американскиот конгрес, кај нас веќе се слушаат ‘бомбите’ на Заев, Србија ја има истата власт која и тогаш и сега активно соработува во неколку НАТО-програми, Косово никогаш и не било под руско влијание, а во Грузија и Молдавија (кои се споменати во изјавата), во меѓувреме, не е регистрирано побитно американско вмешување.

 

Како нашата определба за членство во Алијансата ќе се одрази во билатералните односи со Москва? Неодамна преку политички изјави беа акцентирани одредени (не)извесности од односот на Русија кон нашата НАТО-кандидатура, а од друга страна, некои политички структури во земјата и натаму ја хранат дилемата Исток или Запад… 

 

По инерција од првата Студена војна кога, како дел од Југославија, бевме на ‘линијата на огнот’ многумина и денес веруваат дека постои старата дилема: Исток или Запад и тоа со истата содржина. Меѓутоа, актуелната, т.н. втора Студена војна, нема никаква врска со идеологиите, затоа што Русија одамна веќе не извезува комунизам. Но, дилема, сепак, постои, само што таа се однесува на квалитетот на животот, на човековите слободи и права и на интегритетот на институциите, и се нарекува: формална или реална демократија. Евроатлантските интеграции на Македонија не и требаат само за да каже дека некаде членува, туку се нужни заради демократските вредности и практики, и заради јасната релација помеѓу квалитетот на демократијата и економскиот просперитет на граѓаните. Се разбира, сето ова не значи дека соработка со Русија не ни е потребна, напротив, но, таа треба да биде идентична, на пример, со нашата соработка со Кина – на секој план каде што е возможно, но, без да бараме алтернативен систем на Западот. Такво нешто, по 1989-та веќе не постои.      

 

Пред Самитот во Букурешт се обидувавме да покажаме дека имаме политичка стабилност, дека се релаксирани меѓуетничките односи во првата петолетка по конфликтот од 2001 година и дека проблемите се решаваат во рамките на системот.Денес политичката стабилност е поврзана со предизвици во интраетничките односи, а „Пржино“ и идејата за „проектот Моне“ сведочат дека сѐ уште се потпираме на меѓународни „патронажни сестри“. Како ќе се рефлектира тоа на нашите евроатлантски очекувања?     

 

Реално, меѓународното посредување при решавање на нашите внатрешни проблеми, ако има ефект – не пречи. Што е алтернативата? Да продолжиме со агонијата дури и при јасен недостиг на внатрешен капацитет и политичка волја да се решаваат проблемите? Што беше подобро во 2015-та: Груевски и Мијалков да продолжат да владеат со 2 милиони луѓе, или со помош на странците да го потпишеме ‘Пржино’? Еве и други аргументи: не постои ниту една земја кандидат која пред зачленувањето во ЕУ/НАТО, во одредени моменти не користела надворешна асистенција, почнувајќи од политичките преговори меѓу Полска и Германија за границата на Одра/Ниса, статусот на судетските Германци во Чешка и Словачка, споровите меѓу Италија и Словенија за морската граница и правата на италијанското малцинство во Истра, договорот меѓу Романија и Унгарија за правата на унгарското малцинство, а најеклатантен пример за внатрешна интервенција е притисокот за уривање на автократот Мечијар во Словачка. Инаку, Брисел има историјат на мешање во внатрешните работи и на свои земји-членки. Актуелни се примерите со Унгарија и Полска и заканата за одземање на гласачките права, а, историски најпознат пример е дипломатскиот притисок за Јерг Хајдер да не стане австриски премиер. Патем, пред Букурешт ние навистина имавме политичка стабилност и пристојни меѓуетнички односи заради што и добивме статус на кандидат за ЕУ. Иронија на историјата е дека денес, буквално сите реформски напори на Владата се насочени, всушност, кон доаѓање до нивото кое веќе го имавме достигнато во декември 2005-та.

 

Реториката во изминатите десет години е иста – дека политичката стабилност, успешните реформи и владеењето на правото се најважни за интеграциите. Што од тоа реално имаме денес, за да можеме јавно да декларираме очекување дека Македонија ќе биде 30-та членка на НАТО?

 

Факт е дека во последниве три години Македонија никогаш не била политички постабилна со позитивни индикатори за целосно враќање во нормален колосек во 2018-та година. Фазите на ‘Планот 3-6-9’ се навистина компримирани, но остварливи. Имено, во првите три месеци се дефинира концептот за реформи во правосудството и во службите за безбедност, за шест месеци се поставуваат нормативните основи за модификација на системите, а во последната третина ќе бидат видливи првичните резултати. Тука морам да го додадам и спорот за името, затоа што е јасно дека станува збор за круцијален предуслов за членство, кој поради историските и емоционални наслаги е и најтежок за решавање. Илузорно е за помалку од една година да очекуваме да видиме заокружен систем на зрела демократија, но, објективно, процесот на обнова на темелно упропастените институции и не може да се одвива побрзо. Накусо, споредено со точката од која тргнавме, Македонија напролет ќе има завидно портфолио, иако во однос на спорот за името, половина од работата нема да зависи од нас.

 

Членството во НАТО, подразбира и подигнување на внатрешните безбедносни стандарди – добра техничка опременост и мотивиран кадар. Но, буџетот за одбраната од 2006 година бележеше постојан пад – од над 2 процента од БДП до околу 1 процент од БДП за 2017-та. Владата неодамна донесе одлука за зголемувањето на платите во Армијата во 2018 година за 10 отсто… Дали е тоа доволно?

 

Вистината е делумно скриена зад бројките кои ги наведувате, затоа што одбраната добиваше помалку пари, не само во апсолутен, туку и во релативен износ, ако се знае дека буџетот во 2016-та е двојно поголем од 2006-та. Очигледно е дека јавните финансии во изминатава декада беа трошени за системска корупција на највисоко ниво и за редефинирање на националниот идентитет, при што, финансиската редукција по сектори беше во функција на новата патологија која сакаше да изгради нова олигархија и постара држава. Во тој зафат, одбраната остана во групата на најголеми губитници, затоа што со тие пари режимот ја милитаризираше јавната полиција и енормно ја зголеми моќта на тајната полиција која, пер капита, во Европа прислушуваше и контролираше најголем процент од своите граѓани, по Штази.

 

Посакуваниот сооднос на одбранбените трошоци од 50% за персонал, 30% за одржување и 20% за инвестиции, со години завршуваат со друг сооднос: 70% за плати, 25% за операции, обука и одржување, а само околу 5% за нова опрема. За колку години РМ може да го достигне посакуваниот сооднос, кој ќе гарантира мал, но опремен, развиен и ефикасен одбранбен систем? 

 

Финансиските проекции за следниот буџет се битно поправени, но ефектот од изгубената деценија кога одбраната беше комплетно маргинализирана, а државната безбедност приватизирана, не можеме да ги надминеме за година или две. Сепак, наспроти реалноста на изрекетираната и презадолжена економија, за следната година се планира засилување на нашата мисија во Авганистан за 20%, што е сериозен знак дека сме одговорни кон меѓународните мисии кои се најдобриот аргумент за членство.

 

Растат очекувањата дека членството во НАТО ќе ја направи Македонија посигурна и поатрактивна, во смисла, „повеќе безбедност – повеќе инвестиции“. Но, тоа е двонасочен процес. Колку од нашиот дел на обврските се завршени на безбедносен и економски план?

 

Според проценките на НАТО, Македонија во 2008-та ги имаше исполнето критериумите за членство, така што и покрај долгогодишните напори на режимот во спротивната насока, во воено-техничка смисла најбрзо можеме да се вратиме на старите позиции. Меѓутоа, тука сакам посебно да го нагласам влијанието врз развојот на економијата како резултат на членството во НАТО. Сите поранешни комунистички држави кои беа примени во Алијансата забележаа скок во странските директни инвестиции уште во првите две години. Несоборлив факт е дека притоа, не е забележан ниту еден исклучок, почнувајќи од првиот бран во 1997 година, сѐ до најновите членки – Хрватска, Албанија и Црна Гора. Внатрешните реформски напори се битни, поволното регионално опкружување исто така, но, имиџот на земја со предвидлива иднина е незаобиколен фактор при одлуките за движењето на капиталот. Да заклучам: нашите обврски до следниот самит во јули 2018-та ќе бидат завршени, но во процесот за прием на нови членови свое влијание ќе имаат и националните калкулации на останатите 29 земји-членки поради консензуалниот принцип на одлучување. Се надевам дека овојпат, за разлика од Букурешт во 2008 година, колективниот интерес за безбедна Европа ќе биде доминантен.

 

Извор: ДВ

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.