ВИДЕО : 50-тина параглајдеристи учествуваа на 5-тиот по ред меѓународен натпревар „Prilep Open 2017“

Педесетина параглајдеристи од Македонија, Бугарија, Албанија и Косово денеска учествуваа на 5-тиот по ред меѓународен натпревар „Prilep Open 2017“ во дисциплината прецизно слетување. Учесниците полетуваа од кај манастирот Трескавец, а според нив теренот во Пелагонија е еден од најдобрите во светот за развој на параглајдерството.

 

 

„Условите за развој на параглајдерството во Пелагонискиот регион се одлични, термички има доста денови во текот на годината, има услови за големи прелети. Затоа од година во година се поголем е бројот на странски пилоти кои доааѓаат тука. Моментално нивниот број годишно се движи околу 2.000, но се надеваме наредната година таа бројка да се искачи на 3.000 пилоти“, вели Кире Гиноски, параглајдерист.

 

„Тука имаме одлични услови за полетување и слетување. Сега сме на Трескавец, имаме нов старт на Топташ, Рибник до другата страна, Крушево. Спортот во Прилеп е многу развиен и се надеваме дека уште повеќе ќе се развива“, истакна Кристијан Темелоски, параглајдерист.

 

И странските натпреварувачи беа восхитени од организацијата на натпреварот и условите што гии нуди Трескавец за развој на параглајдингот.

 

„Јас сум од Косово, тука доаѓам скоро секој месец веќе од 2.000 година, ова се светски терени. Имаме одлични релации со прилепскиот клуб и со вашата воздухопловна федерација“, Фадил Гергури, учесник од Косово.

 

„Параглајдерството го одбрав како спорт затоа што тоа е доста забавно, екстремно. Чувството во воздухот понекогаш е спокојно, понекогаш има повеќе адреналин зависи од времето, но како и да е тоа е многу пријатно. Теренот на Трескавец е еден од најдобрите на кои сум била досега“, истакна Лидија Ѓерманова, учесник од Бугарија.

 

 

Освен натпреварувачкиот, имаше и рекреативен дел, каде дел од гостите летаа со т.н. тандем параглајдери.

 

„Денеска за прв пат учествувам на еден ваков настан, за прв пат летам со параглајдер, чувството е одлично, неможе да се опише со зборови“, кажа Димитар Врцкоски, параглајдерист.

 

Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, заедно со членовите на клубот „Skyriders“ на најдобрите учесници им доделија медалји.

 

„Денеска сме тука на завршниот ден од натпреварот „Prilep Open 2017“. Уште еднаш сакам да им посакам успешна работа и во иднина на клубот „Skyriders“ кои се организатори на овој натпревар. Ги доделивме наградите на најдобрите параглајдеристи кои овие 2 дена летаа во Прилеп. И во иднина ќе го поддржуваме развојот на овој спорт и на било кој спорт во Прилеп“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

„Денеска условите за летање беа одлични. Трескавец како старт изненади со прекрасните услови, натпреварувачите се презадоволни, еве и после натпреварот имаме пилоти во воздух што е доказ дека и во доцна есен ова место нуди услови за летање“, истакна Златко Спиркоски, секретар на клубот „Skyriders“.

 

Во машка конкуренција прво место беше Хиздри Губетини од Косово, второто место го освои Борјан Јованоски, а трет излезе неговиот брат Мартин Јованоски.

Во женската конкуренција пак првото место го освои Цвета Григорова од Бугарија, второ место беше Жу Севова исто од Бугарија, додека пак на третото место заврши Деспина Станкоска, од Прилеп.

 

За 2 години во Пелагонија треба да се одржи и Светско првенство во параглајдерство.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien