Едно лице загинало кога објект за дистрибуција на природен гас денеска експлодирал и се запалил, соопштија службите за итни случаи. Портпаролката на Црвениот крст Соња Келнер за Австриската новинска агенција изјави дека 18 други луѓе се повредени во експлозијата во Баумгартен, во близина на австриската источна граница со Словачка.
Според првите сознанија на полицијата, силната експлозија во третата по големина австриска станица за дистрибуција на гас се случила во 08:45 часот и се должи на технички причини. Криминалистичката служба ја презема истрагата, соопшти полицијата преку Твитер.
Екипите за спасување тврдат дека никој надвор од округот на станицата не е повреден. Исто така и штетите се ограничени на теренот на кој се случи инцидентот. Во пожарот настанат како последица на експлозијата се уништени повеќе објекти и возила. Облакот чад можел да се види и од 30 километри оддалечената Виена.
Станицата за гас во Баумгартен е централна клучка за распределба на природен гас во Европа. Со годишен капацитет од 40 милијарди кубни метри преку неа се распределува гасот од Русија и Норвешка пред сѐ кон Италија и Германија, како и кон земјите од Балкан. Баумгартен се наоѓа на границата кон Словачка.