Ката тимот од карате клубот „Бонсаи“ од Прилеп се балкански шампиони

Ката тимот во машка конкуренција У-21 или јуниори до 21 година, составен од Дамјан Ристески, Огнен Тодороски и Андреј Гокчев, го освоија првото место на 18-тото балканско првенство во карате, кое викендов се одржа во Херцег Нови, Црна Гора. На првенството учествуваа кадети, јуниори и јуниори до 21 година. Вероника Кукеска пак од истиот клуб за жал го изгуби 3-тото место во борби, од минус 47 килограми, во кадетки и тоа со многу тесен резултат од 3 : 2. Членовите на клубот „Бонсаи“ беа дел од македонската репрезентација.

 

„Македонија е пласирана на второ место на ова првенство по бројот на медали. Имаме 9 златни, 9 сребрени и 12 бронзени. Турција е на прво место и ни избега за само едно злато. Јас како тренер на клубот „Бонсаи“ сум премногу горда на моите натпреварувачи кои се покажаја во вистинско светло. Имаше и други натпреварувачи од Прилеп. Ќе си земам за право да го споменам Константин Василески од клубот „Спорт 94“ кој го освои 2-рото место во борби. За разлика од лани македонските натпреварувачи имаат големо подобрување“, истакна Валентина Пурдеска, карате клуб „Бонсаи“ од Прилеп.

 

На балканското првенство од Прилеп имало и двајца судии, Валентина Пурдеска како светски судија и Дарко Филипоски како европски судија.

 

 

Инаку првопласираните од ова првенство ќе одат на европското првенство кое ќе се одржи во Сочи, Русија.

 

Во петок во домот „Даре Џамбаз“ во Скопје ќе се одржи и промоција по повод 50 годишниот јубилеј од каратето во Македонија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.