Предметот „Змиско око“ одложен за 1 февруари 2018 година, обвинетите бараат голготата да заврши

Facebook
Twitter
Email
Print

Судското рочиште за предметот „Змиско око“ денеска е одложен за 1 февруари 2018 година, затоа што со барање за судење во разумен рок е испратен до Врховен суд, изјави адвокатот Маја Дојчиновска.

 

Предметот „Змиско око“ заврши во 2008 година со затворски казни за 12 обвинети, 57 лица добија условни казни, а тројца беа ослободени од обвиненијата за злоупотреба на службената положба. Сите обвинети работеа како контролори или инкасанти на наплатните рампи во ЈП „Македонија пат“.

 

Судот со пресудата ги задолжи обвинетите да ѝ ја надоместат штетата со износ од 171.403.565 денари (над две и пол милиони евра) на Агенцијата за државни патишта. Обвинетите реагираа на ова, истакнувајќи дека судските органи „си играле со бројки“ и дека никогаш не била утврдена точната висина на штетата.

 

Минатата година Апелацискиот суд ја укина пресудата на Кривичниот суд Скопје и предметот го врати на повторно судење. Врховниот суд до 1 февруари треба да донесе одлука и потоа предметот да го достави до Кривичниот суд Скопје. Во овој судски процес, што трае 10 години, обвинети се вкупно 71 лице.

 

„Сите гледате како доаѓаме, 71 обвинет, никако да заврши оваа наша голгота. Никој не ни кажува зошто се одложува, Апелациониот суд двапати го укинува предметот бидејќи нема докази. Еве денеска уште пред да влеземе, знаеме дека ќе се одложи. Година и пол не почнува судењето“, изјавија дел од обвинетите пред судот.

 

Акцијата „Змиско око 1“ е првиот случај, кој подоцна доби уште две продолженија –„Змиско око 2“ и „Калдрма“,  во кој полицијата приведе вработени во ЈП „Македонија пат“ во 2007 година. Според обвинението, вработените на патарините им наплаќале половина од цената на патниците, а парите ги присвојувале за себе.

 

Европскиот суд за човекови права во 2010 година одлучи дека обвинетите во „Змиско око“ неправедно биле држани во притвор и на Република Македонија и се наложи да им исплати отштета.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи