РК Прилеп пред распаѓање, клубот нема повеќе финансии

Ракометниот клуб Прилеп е пред колапс, а на ракометарите им било кажано да си бараат други клубови. Ова денеска го изјави претседателот на клубот, Александар Мариновски, според кого главниот спонзор на клубот, Општина Прилеп, им кажала дека нема да им ги даде парите за оваа полусезона што тие ги планирале.

 

„На состанок со претставници од локалната самоуправа ни беше кажано дека за оваа полусезона Општината нема да може да ни ги исплати ветените средства, затоа што тие не биле предвидени во буџетот. Ни беше кажано дека средствата за спонзорство ќе бидат предвидени за наредниот буџет во 2018 година, но помалку отколку што досега добиваше клубот. Клубот досега од страна на Општината беше спонзориран со 3 милиони денари годишно, а од наредната година, најверојатно средствата ќе бидат само 1,5 милиони денари“, истакна Александар Мариновски, претседател на РК Прилеп.

 

Според Мариновски Општина Прилеп досега учествувала со околу 70% од вкупниот буџет на клубот. Досега ракометарите немале замено 4 плати и тој им рекол дека слободно можат да си бараат нови клубови.

 

Неофицијално според познавачите пак на приликите клубот досега добил 1,5 милиони денари и најверојатно чекал ребаланс на буџетот на Општина Прилеп по изборите, што не се случил, за да ги добие и останатите 1,5 милион денари. Тоа е главната причина поради која што клубот засега останува без финансии. Трите милиони денари како целина никогаш не биле вклучени во буџетот на општината за 2017 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.