ВИДЕО: Второ издание на интернационалниот фестивал за краток филм „Winter Apricots“

На 15 и 16 декември, во киното „Мис Стон“ по втор пат ќе се одржи интернационалниот фестивал на краток филм Winter Apricots. Како што кажа Елена, еден од организаторите, тоа е фестивал кој е во потрага по нешто специјално, по филмови кои имаат душа, кои имаат дух и претставува амбициозен проект со план да прерасне во нешто поголемо.

 

Целта на фестивалот е да прерасне во културен настан кој ќе им понуди малку поинаков фестивал на љубителите на филмот. Идејата е да се создаде еден момент кој ќе биде посветен на уметноста, во кој што ќе може да се ужива во него, во самиот момент.

 

Оваа година пријавени беа преку 3.400 апликации, од 109 земји во светот, од 5 континенти. Во рамките на официјалната селекција ќе се натпреваруваат 10 филмови, но покрај тоа ќе има и богата неофицијална програма, која вклучува 4 долгометражни филмови, кратки филмови, но и концерти и работилници.

 

Официјалното отворање е во петок во 20 часот и влезот ќе биде слободен.

 

Повеќе за фестивалот може да дознаете во следното видео интервју:

 

 

Елена кажете ни повеќе за Winter Apricots, каков вид на фестивал е?

 

-Winter Apricots е филмски фестивал посветен на кратките филмови, но не секогаш, бидејќи имаме и различни долгометражни филмови во неофицијалната програма. Winter Apricots е фестивал кој е во потрага по нешто специјално, по филмови кои имаат душа, кои имаат дух и кои првенствено не се блокбастери. Претставува еден амбициозен проект со план да опстане, но и да прерасне во нешто поголемо.

 

Каде ја пронајдовте идејата за организирање на еден ваков фестивал во Прилеп, како се случи сето тоа?

 

-Идејата за креирањето на овој фестивал беше спонтана, бидејќи и јас и Дарко делиме пасија према филмот, киното, филмската уметност и чувствувавме потреба да организираме нешто што ќе донесе филмови кои не се познати, очигледни, кои не се гледаат толку често и кои се работат чисто од пасија.

Јас престојував во Прилеп, Дарко живее тука, градот беше отворен за ваков настан бидејќи нема многу вакви настани организирани тука, а истовремено присутна беше и одредена радозналост, па така испадна вистинскиот момент на вистинското место.

 

Која е идејата зад еден ваков фестивал?

 

-Идејата зад фестивалот е да се сподели со други луѓе нешто што нас ни се допаѓа, уметноста земена генерално, односно еден посебен момент кој што е посветен на уметноста. Покрај филмовите ќе имаме и концерти, музика, па идејата е да се создаде еден момент кој ќе биде посветен на уметноста, во кој што ќе може да се ужива во него, во самиот момент.

 

Како е сцената во Италија, дали има многу вакви фестивали, дали се популарни ?

 

-Има многу фестивали во Италија, но скоро сите се институционализирани, поврзани со некоја специфична организација или пак со одредени градови или општини. Има и повеќе независни настани и фестивали, но е прилично тешко за нив да се изборат со останатите кои се истовремено понудени, така што и да и не.

 

Дарко кажи ми каква е ситуацијата во Македонија, дали има повеќе вакви фестивали и првенствено дали има простор и публика за организирање на еден ваков фестивал?

 

-Од она јас колку што сум запознаен, во Македонија ситуацијата и не е толку лоша во однос на ваквите независни проекти. Се разбира секогаш може да биде и подобро, но со оглед на пропорционалноста со бројот на жители, мислам дека ситуацијата е добра. Што се однесува до нашиот конкретен фестивал и ситуацијата во нашиот град, можам да кажам дека не е лошо, но може да биде и многу подобро. Мислам дека посетеноста може да се зголеми, бидејќи нашите сограѓани посакуваат вакви настани, само се работи за пронаоѓање на вистински мотив, да ги мотивираме да дојдат на фестивалот и мислам дека сите што дошле и изгледале нешто, останале наши трајни фанови.

 

Кој е фокусот на овој фестивал, дали може да аплицираат филмови само од одреден жанр, од одредена тема?

-Иако размислувавме на таа тема, некако да ги структуираме филмовите, или да направиме различни типови на селекција, сепак и ова второ издание немаме конкретна тема на фестивалот, ниту пак жанровско ограничување, односно исто како и лани и оваа година имаме документарни филмови, фикција, анимација, односно секакви кратки филмови.

 

Колку апликации имаше оваа година и од кои земји пристигнаа?

 

-Оваа година имаше околу 3400 апликации и мислам дека практично имаше од многу земји, ако не и од сите.

 

Колку филмови ќе можат да погледнат љубителите на филмската уметност на овој дводневен фестивал?

 

-Во рамките на официјалната селекција, се натпреваруваат 10 кратки филмови, но покрај тоа нудиме и богата неофицијална програма која ќе вклучува 4 долгометражни филмови и два циклуси на кратки филмови, од кои едните ќе бидат „денс“ филмови од Италија, додека другите ќе бидат анимирани филмови.

 

Освен филмови, Елена кажа дека има и други активности во рамките на фестивалот како концерти, претстави… кажи ни нешто повеќе околу тоа?

 

-Покрај филмските проекции, оваа година слично како и лани, имаме работилници. Во конкретниов случај ќе имаме работилница за филмска музика, односно за авангарда и минимализам во филмовите. Ќе имаме многу интересен настан во петок вечер во „Take Five“, каде што еден од нашите специјални гости од Скопје, Влатко Галевски, ќе има еден диџејски сет посветен на филмската музика, а во сабота завршуваме со свечена церемонија и џез концерт исто во „Take Five“.

 

Кажавте дека има повеќе категории… дали фестивалот е од натпреварувачки карактер или едноставно промотивен?

 

-Да, фестивалот е од натпреварувачки карактер. Финалистите се натпреваруваат за главната награда, „Планета Кајсија“, и за трите споредни награди, односно најдобар звук, концепт и најдобра кинематографија.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.