Стариот монопол на УБК ќе се препакува во новата ОТА?

Реформата се прави без намера за создавање систем кој ќе биде имун на злоупотреби и со механизми за заштита на човековите права, велат од Работната група која ги анализира предложените реформи во безбедносниот систем.

 

Утре (14.12) завршува јавниот увид и дебата за предложените законски решенија со кои се предвидени реформи во безбедносните и разузнавачките служби, според итните реформски приоритети зацртани во Извештајот на Прибе.  Најголемата новина во нив е тоа што опремата со која досега располагаше Петтата управа во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) се „сели“ оттаму и со неа во иднина треба да раководи Оперативно-техничка агенција (ОТА). Под надлежност на ова ново независно тело треба да бидат уредите преку кои се вклучува, управува и исклучува сигналот за следење на комуникациите, уредите преку кои се овозможува пристапот на органите до податоците од мобилните оператори и целата техничка координација за следењето на комуникациите. Покрај ова, подготвен е и нов предлог-закон за следење на комуникациите. во кој најголема новина е што контролата, покрај досегашната собраниска комисија, ќе ја вршат уште четири други институции, од кои едно сосема ново тело – Совет за граѓанска контрола. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, најави дека нема да ги потпише законите ако не гарантираат заштита од незаконско прислушкување.

 

„Сè додека не поминат сите дебати околу овие законски решенија, сè додека во јавноста не се прифати дека ова е вистинското решение што ќе обезбеди заштита од злоупотреба на системот за прислушување, нема да потпишам таков закон“,  вети Спасовски.

 

Symbolbild Datenschutz (picture-alliance/dpa)

Наместо суштинска реформа – само декор и политички поени?

 

Нов центар на моќ

 

Какви се забелешките по увидот и анализата на законските предлози?

 

„За жал, начинот на кој што државата се зафаќа со овој процес само делумно одговара на препораките. Најпрвин беше избран модел во процес во кој немаше вклученост на граѓанското општество, за потоа преку скратена дебата да преминеме кон усвојување на предложените измени и дополнувања на повеќето закони“, вели Андреја Стојковски од граѓанскиот Центар за европски стратегии „Евротинк“, една од шесте организации во Работната група што го анализира предложениот модел на реформи.

 

Нацрт-текстовите беа објавени на ЕНЕР (Единствениот национален електронски регистар на прописи) пред неполн месец. Рокот за нивното коментирање истекува утре, а веќе во понеделник (18.12) ќе се најдат пред Владата за усвојување.

 

„Како во само три денови ќе се сумираат сите примени предлози и препораки останува непознаница. Работната група за контрола на полицијата и агенциите за безбедност и (контра)разузнавање во рамките на документот Предлог за итни демократски реформи (Blueprint) изготви предлог измени кои ќе ги достави до МВР и до Владата. Во нив предлагаме најпрвин зајакнување на дебатата, заради подобрување на законските текстови, а потоа и суштински промени во неколку од текстовите“, вели Стојковски.

 

Првата забелешка се однесува на формирањето на ОТА, Агенција која ќе биде тело на Владата, а нејзиниот директор ќе го именува Собранието.

 

„ОТА ќе треба да ги пренесува наредбите до операторите и да ги обезбедува пренасочените сигнали од комуникациите. На овој начин, според предлагачот, се одзема надлежноста на УБК, но сепак не се задоволува барањето на експертската група на Прибе. Според итните реформски приоритети, прислушувањето треба да го прават самите оператори на барање од надлежен орган и наредба од Суд. Оттаму, според мислењето на Работната група, ОТА ќе претставува само формирање на нов центар на моќ именуван од истото мнозинство кое го избира и министерот, без доволни гаранции дека нема да се прислушува незаконски и за приватни потреби“, посочува Стојковски.

 

Во однос на формирањето Граѓански совет за контрола, забелешката на Работната група е дека нацрт-законот не содржи никакви одредби за операционализација на тоа контролно тело. Стравуваат дека тоа нема да заживее, бидејќи не е предвидена стручна служба, начин на  работа, ни основа за постапување. Не е предвиден ни надомест за вршење на функцијата, што го сметаат како индикатор дека нема интерес за вистинска работа на тој совет, односно дека истиот е предвиден за декор и политички поени.

 

Mazedonien Skopje Hauptquartier des Innenministeriums (DW/P. Stojanovski)

Упад во приватноста преку мета-податоците

 

Забелешки има и во однос на планираното задржување и користење на мета-податоци.

 

„Според европската практика, задржувањето на мета-податоците особено за географската положба и времето, се сериозна интрузија на приватноста, и според предложените мерки на регулативата на ЕУ – се забрануваат! Според македонското законодавство се предвидува задржување на мета-податоците до една година наназад, без притоа да се гарантира како ќе се користат, а со отворено утврдување дека до истите може да се дојде со просто писмено барање, но не и со судска наредба. Предлогот на Работната група е да се предвиди преоден рок во кој постапно ќе се намалува временскиот период на задржување на мета-податоците, како и да се предвиди постапка во која ќе мора да се обезбеди судска наредба за нивното користење“, објаснува Стојковски.

 

Сомнежи се поврзани со претходната постапка за изрекување Посебни истражни (ПИ) мерки и заштитата на правото на приватност. Работната група констатира дека предлог- законите утврдуваат постапка за одредување на ПИ мерки по веќе добро познатиот систем без притоа да се води сметка за приватноста, а обвинителот може да го злоупотреби и институтот „усна наредба“, без притоа истата да биде заведена, и подоцна, во прецизен рок, заменета со барање и писмена наредба.

 

„Сето ова наведува на помисла дека реформата се прави без да се има вистинска намера во создавање на систем кој ќе биде имун на злоупотреби и со доволно механизми за заштита на човековите права“, констатира Стојковски.

 

Reinhard Priebe 2005 (picture alliance/AP Photo/S. Ilic)

Препораките на експертската група на Прибе не се испочитувани

 

Прибе стана незадолжителен!

 

Ако се спореди предложениот реформски модел со препораките на Прибе, се забележува дека тој е различен од препораките за реформи што ги дала неговата експертска група.

 

„УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува отсликување на комуникацискиот сигнал. Сопственичките преклопници (свичови) треба да се преместат во просториите на провајдерите на телекомуникациски услуги. Операторите треба да ги активираат и пренасочуваат сигналите до надлежните органи (Полицијата, Царинската управа и Финансиската полиција) или до безбедносните органи (Управата за безбедност и контраразузнавање, Агеницијата за разузнавање и одделот за воена безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана) само по добивањето на релевантна судска наредба  и само за целите на законското прислушкување. Под било кои околности УБК не треба да има практична можност за директно пресретнување на  комуникациите“, се вели во препораките на Прибе.

 

Исто така, по критикуваниот ексклузивитетот на УБК, која следењето го врши и набљудува во свое име, но и во име на полицијата, Царинската управа и финансиската полиција, засега нема одговор – дали преку свичерите на ОТА тој ексклузивитет и натаму останува во УБК?

 

Извор:ДВ

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.