Талевски : ВМРО-ДПМНЕ се обиде да го втурне Советот во надлежности кои ги нема по закон

Претседателот на Советот, Миле Талевски, по завршувањето на 5-тата седница на Советот на Општина Прилеп истакна дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ се обидела да инсценира настан, во којшто се обиделе да го втурнат Советот на Општина Прилеп во надлежности што ги нема ниту по закон, ниту по Устав. Тој сепак се надева дека тие ќе се вратат повторно со работа во Советот.

 

„На почетокот на седницата советничката група на ВМРО-ДПМНЕ се обиде да инсценира настан, во којшто се обидоа да го втурнат Советот на Општина Прилеп во надлежности што ги нема ниту по закон, ниту по Устав. Но, тоа е начинот на нивното функционирање. Беа предупредени за таквото однесување, но сепак тие одлучија да ја напуштат седницата и најавија дека ќе ја бојкотираат работата на Советот. Жалам за нивната одлука и се надевам дека во најбрз временски рок ќе ја преиспитаат нивната одлука и ќе се вратат да работа во Советот, онаму каде што им е местото и за што граѓаните на општина Прилеп ги изгласале, за да ги претставуваат нивните интереси“, порача претседателот на Советот, Талевски.

 

На оваа седница беше прифатена и оставка на досегашен советник од ВМРО-ДПМНЕ и на негово место беше верифициран мандат на нов советник.

 

Инаку на денешната 5-та седница на Советот на Општина Прилеп беа избрани нови состави на органи на управување во јавните комунални претпријатија. Избрани беа претставници од Општина Прилеп во училиштните совети. Беше прифатен предлогот на Комисијата за општествени дејности и правата на децата, поради низа пропусти подолг период, да не биде прифатен Извештајот за безбедносната состојба на подрачјето на Полициската станица – Прилеп.

 

Дневниот ред беше дополнет со три точки. Едната се однесува на проширување на средствата на Буџетот на Општина Прилеп за 2018 година, другата е Одлука за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Прилеп.

 

Советот донесе и Одлука за доделување средства на здружението „Локален спортски сојуз Прилеп“, за реализација на хуманитарниот светиниколски турнир во мал фудбал.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.