Граѓаните на протест, побараа власта да се справи со загадувањето

Околу 200 граѓани протестираа денеска пред Владата, барајќи од надлежните решенија за загадувањето на воздухот. Протестот беше најавен и организиран на социјалните мрежи со слоганот Станете за чист воздух.

 

Повеќето од нив се согласни дека што и да се преземе, нема да го реши проблемот за кратко време, но сепак треба итно да се започне со имплементација на одредени мерки ,затоа што ситуацијата е алармантна.

 

„Треба да се почне со мерки кои ги одлагаме. Јас мислам дека ги одлагаме многу повеќе отколку што Македонија е независна и не е проблемот дека сè ќе се реши за една година. Но мора да почне да се решава“, вели Вера Милошевска, пејачка во групата Баклава.

 

Драги Змијанац од Првата детска амбасада на светот „Меѓаши“ рече дека се тука да ги потсетат надлежните кои во септември заедно со нив маршираа за чист воздух да ги исполнат ветувањата.

 

„Сè додека не се реши проблемот со загадувањето ќе ги поддржиме сите иницијативи на мајки, татковци, на здруженија кои се залагаат за да се подобри состојбата со загадувањето со краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки Ние ја поддржуваме иницијативата да се бојкотира наставата. Сметаме дека треба да се прогласи вонредна состојба ако загадувањето е два дена по ред над дозволеното“, изјави Змијанац.

 

Детската амбасада, како што рече, ќе се обрати и до меѓународните институции да помогнат во справување на проблемот.

 

Со повикот „Станете за чист воздух“ граѓанките и граѓаните меѓу другото од Владата побараа итно чистење на сите главни и споредни улици во градот, забрана за сообраќај во најзагадените денови освен за возила на пожарна, полиција, брза помош, службени возила за истовар на роба, бесплатен јавен превоз, исклучување од сообраќај на старите возила кои загадуваат, вклучувајќи ги и оние на КХС, како и забрана за градежни активности во период на загеден воздух (ноември, декември, јануари).

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.