Дескоска: Ќе се обезбеди пристап до образование за сите деца

Формирана е работна група за измени и дополнувања на законите за основно и средно образование со цел олеснување на образовниот процес и пристап до образование за сите деца и очекуваме веќе следната година законски измени кои ќе обезбедат пристап до образование на сите деца вклучително и децата со попреченост, изјави денеска министерката за образование и наука Рената Дескоска.

 

Дескоска на отворањето на конференцијата „Креирање на инклузивни услуги за деца и лица со попреченост“ на УНДП, рече дека Македонија како потписничка на   Конвенцијата на ОН за права на лицата со посебни потреби од 2007 година се обврза децата со попреченост да имаат право и можност да го остварат правото на образование кое е вклучено во Уставот и значи обврска на институциите да го обезбедат.

 

„Правото на образование значи право на сите деца на пристап до образование и да стекнуваат знаења што ќе им го отворат патот за подобар живот, а правото на еднаквост значи право на сите да не бидат разликувани по однос на никаков статус. Според работната верзија, се планира редефинирања на специјалните училишта кои треба да прераснат во ресурсни центри кои ќе бидат поддршка на училиштата. Законските измени ќе бидат засновани на операционализација на забраната за дискриминација“, изјави Дескоска.

 

Посочи дека освен законските измени, потребна е и институционална поддршка на овие деца, овозможување на физички пристап до училиштата преку изградба на пристапни рампи, тоалети, како и обезбедување софтвер за читање на лицата со попреченост што, како што рече, ќе бидат едни од топ приоритетите за следната година на Министерството.

 

Во рамки на проектот на УНДП обучени се 140 лица од 18 општини кои денеска добија сертификати за завршена обука за личен и персонален асистент што ќе овозможат децата со попреченост да бидат подобро вклучени во образовниот систем на локално ниво.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien