Стигна и потврда: Претставници на Барселона веќе разговарале со семејството на Гризман

Претставници на шпанскиот гигант Барселона, на чело со претседателот на клубот Бартомеу, се сретнале со семејството на напаѓачот на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман, за да разговараат околу потенцијален трансфер, тврди „Ел Мундо Депортиво“.

 

Имено, родителите на Гризман и неговата сестра допатувале во Каталонија на преговори за трансфер кој би се случил најверојатно на крајот од сезоната, за што дозвола даде и мадридскиот клуб.

 

„Ако медиумите велат дека имало состанок, тогаш нека биде така. Важно е да постои добра хармонија, однос. Разговорите одат во добар правец. Има неколку играчи со кои сакаме добар однос во случај да се појави вистинска прилика“, изјави директорот за институционални односи на Барселона, Гилерме Амор, за шпанските медиуми.

 

Ако се знае дека Гризман претходно го отпушти неговиот долгогодишен менаџер кој го застапуваше од почетокот на кариерата и работите околу иднината му ги препушти на својот татко, јасно е дека Бартомеу разговарал со вистинските луѓе.

 

Гризман требаше да си замине и минатото лето, но во знак на благодарност кон Атлетико Мадрид се предомисли, поради тоа што клубот беше казнет и не можеше да донесе негова замена.

 

Како што шпекулираат медиумите, за Барса да дојде до потписот на Гризман, потребни би биле околу 100 милиони евра.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien