ВИДЕО : Доделени наградите на учениците од конкурсот „Хуманоста – темел во меѓучовечките односи“

Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, денеска им ги додели наградите на четворицата ученици чии раскази беа избрани за најдобри на конкурсот „Хуманоста – темел во меѓучовечките односи“, кој беше распишан по повод патрониот празник на градот, од страна на Општина Прилеп во соработка со основните училишта.

 

 

Ерика Јованоска од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ ја доби првата награда Второто место го поделија учениците Иван Танески и Борис Ночески од ООУ „Кочо Рацин“ и „Кире Гаврилоски-Јане“, а третото место и припадна на ученичката Матеа Стојаноска од ООУ „Рампо Левката“.

 

На учениците освен книги и дипломи Општина Прилеп им додели и парични награди и тоа : за првата награда беа предвидени 3.000 денари, за втората 2.000 денари и трето наградената ученичка доби 1.000 денари. Овие средства ќе се издвојат од буџетот на Општина Прилеп, наменет за развој на образованието.

 

„Јас сум благодарна за тоа што учествував на еден ваков натпревар. Со пишување се занимавам уште од мала, но поинтензивно кога по македонски јазик започна да ми предава наставничката Сузана Николоска која што ми е ментор. Имам  добивано награди на повеќе конкурси, како во Македонија така и во странство. Инспирација за моите творби барам секогаш во секојдневието и малите работи“, истакна првонаградената ученичка Ерика Јованоска, од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“.

 

„Сакам да се заблагодарам на Општина Прилеп која ни овозможи да учествуваме на еден ваков конкурс и ова ќе ни биде поттик за понатаму да може да пишуваме се поубаво и поубаво. Сакам исто така да се заблагодарам на мојот ментор, Наташа Кулеска, која не поттикнува секој ден да пишуваме вакви убави творби“, изјави Иван Танески второнаграден ученик од ООУ „Кочо Рацин“

 

„Сакам да искажам благодарност на Општина Прилеп за идејата да се создаде еден ваков конкурс и ова за нас служи како поттик да пишуваме песни и раскази и да станеме писатели и поети. Со пишување се занимавам уште од мали нозе, од моите 6 години, но поинтензивно започнав да пишувам во 9-то одделение кога мојот ментор Сузана Николоска го откри мојот талент. Имаме добиено многу награди со неа. Сега се подготвуваме за меѓународниот конкурс за поезија и проза во Мостар и се надевам дека и таму ќе добиеме награда“, кажа Борис Ночески од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ кој второто место го делеше заедно со Иван Танески.

 

„Оваа манифестација е поттик за нас да пишуваме се повеќе. Мојата инспирација ја добивам од секојдневниот живот, од сите работи што се случуваат околу нас. Пишувам од мали нозе, а поинтензивно од минатата година“, рече третонаградената ученичка Матеа Стојаноска од ООУ „Рампо Левката“.

 

Градоначалникот Јованоски пофалници им додели и на менторите на учениците.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien