ЛА Лејкерс ги повлече двата дреса на Коби Брајант

За секој кошаркар е огромна чест кога на крајот од кариерата клубот ќе го повлече дресот со неговиот број. Сепак, Коби Брајант не е обичен кошаркар, туку мегаѕвезда што остави силен траг во историјата на ЛА лејкерс, па на синоќешниот натпревар со Голден стејт беа повлечени двата дреса на Брајант, со броевите 8 и 24.

 

„Голема благодарност за ова што се случува вечерва. Ова не е само за мене, ова е за сите оние кои имаат дресови во оваа сала, кои ми беа инспирација да играм се подобро“, изјави Коби, кој на трибините беше поздравен од Шекил О’Нил, додека церемонијата ја водеше Ервин Меџик Џонсон.

 

Воедно, Брајант пред присутните објасни зошто го променил бројот на дрес во текот на фантастичната кариера, откако во 2006 година осумката ја замени со 24-ка, број што го носел додека настапувал во колеџ.

 

„Кога првпат дојдов во лигата ја зедов осумката, сакав само да докажам дека заслужувам да сум овде, дека сум меѓу најдобрите. Кога го сторив тоа, бројот 24 е чекор напред. Физичките атрибути не беа толку доминантни, но зрелоста беше поголема, морав да ја сменам перспективата како еден од највозрасните во тимот, што треба да се грижат за помладите“, истакна Брајант.

 

Брајант стана само десеттиот играч во историјата на тимот, кој доби ваква чест покрај легендите како Меџик Џонсон, Карим Абдул-Џабар и други. Освои пет шампионски прстени во својата богата кариера, која ја заврши како трет најдобар стрелец во историјата на НБА.

 

Неговите рекорди во клубот веројатно никогаш нема да бидат достигнати, бидејќи одигра 1346 натпревари, постигна 1827 тројки, украде 1944 топки, а дури 36 пати ги решаваше натпреварите со последниот шут.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.