САД ставија вето на резолуцијата во ОН за Ерусалим

Соединетите Американски Држави во Советот за безбедност ставија вето на резолуцијата со која се повикува на повлекување на одлуката на американскиот претседател Трамп, Ерусалим да го признае за главен град на Израел. Останатите 14 членки гласаа за тој нацрт.

 

Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли рече дека го вложила ветото во знак на одбрана на американскиот суверенитет и улогата на Америка во новиот мировен процес на Блискиот Исток. Хејли рече дека ниту една земја нема да им кажува на Соединетите Држави каде да ја воспостават својата амбасада.

 

Амбасадорката обвини некои земји за обид за искривување на одлуката на американскиот претседател во корист на сопствените агенди и нагласи дека ставот на САД е во потполна согласност со претходните резолуции на Советот за безбедност.

 

„Ерусалим илјадници години беше политички, културен и духовен дом на Евреите. Тие немаат друг главен град. САД имаат суверенитет да одлучат каде ќе ја лоцираат амбасадата. Гласањето е навреда која нема да биде заборавена“, изјави Ники Хејли.

 

Израел им се заблагодари на САД по ветото на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, која повикува на отфрлање на одлуката на Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел.

 

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, преку видео објавено на Фејсбук, изјави дека американската амбасадорка Ники Хејли во ОН ја „запали свеќата на вистината“ и ги „растури лагите“, споредувајќи ја со Макавејците, еврејските воини, пренесува АП.

 

Турцијапак го критикуваше ветото на САД на резолуцијата на ОН, со која би се барало од претседателот Доналд Трамп да ја повлече одлуката за признавање на Ерусалим за главен град на Израел.

 

Официјална Анкара оцени дека со тоа Вашингтон ја загуби својата непристрасност на Блискиот Исток. Во соопштението на Минситерството за надворешни работи се додава дека фактот што за резолуцијата гласаа преостанатите 14 членки на Советот за безбедност бил најконкретен проказател за нелегимитетот на одлуката на САД за Ерусалим.

 

Во текстот на резолуцијата за која гласаше Советот, а кој го подготви Египет, се изразува длабоко жалење поради неодамнешните одлуки во врска со статусот на Ерусалим, иако притоа не се споменуваат САД, ниту Трамп. Понатаму се вели дека каква било одлука или акција за измена на карактерот, статусот или демографскиот состав на светиот град Ерусалим нема правен ефект, дека е неважечка и дека ќе мора да се отфрли во согласност со релевантните резолуции на Советот за безбедност.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.