Рамос: Реал мора да слави победа во претстојното „Ел класико“

По совоената титула светски клупски шампион, тимот на Реал Мадрид сите свои сили ги насочува кон дуелот со Барселона, кој доколку не го добие, може да значи и крај на сонот за одбрана на титулата во Примера.

 

Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос пред саботното „Ел класико“ изјави дека неговиот тим едноставно мора да го добие дуелот против Барселона. Искусниот дефанзивец е свесен за важноста која ќе ја има овој дуел без разлика на тоа што има уште толку многу за играње во продолжение од сезоната, па во својата најава за дуелот на „Сантијаго Бернабеу“ јасно посочи дека Реал повеќе од било кога се наоѓа во ситуација да мора да оствари победа во мечот со лутиот ривал.

 

„Тоа ќе биде уште еден голем натпревар. Мислам дека не е потребно да се трошат зборови за да се дефинира „Ел Класико“. Ова е многу важен меч во светски рамки, а со оглед на тоа во ситуацијата која се наоѓаме, повеќе од било кога сме обврзани да победиме и да си оставиме шанси за титулата со оглед на разликата во бодови која постои. Пристигнуваме на овој меч во добар момент, го освоивме Светското клупско првенство и тоа сигурно влијае добро на тимот. Со преголем мотив го чекаме мечот со Барселона, се надеваме дека трите бода ќе останат во Мадрид“, порачува Рамос.

 

Моментално Барселона е лидер со 42 бода или 11 повеќе од Реал Мадрид, кој има и натпревар помалку. Натпреварот меѓу Реал Мадрид и Барселона на „Сантијаго Бернебу“ се игра в сабота со почеток од 13.00 часот.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien