Меркел ги става под притисок социјалдемократите

Facebook
Twitter
Email
Print

Стабилна владина коалиција и ништо друго. Тоа е црвената линија на германската канцеларка и претседателка на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Ангела Меркел. На претстојните коалициски преговори со СПД би требало да се разгледа можноста за создавање на голема владина коалиција.

 

Би требало да се формира „стабилна влада“, порача Меркел во Берлин по состанокот на врвот на ЦДУ. „Сѐ друго од агол на ЦДУ, ќе значи неуспех на преговорите“. Таа отфрла влада со променливо мнозинство. „Тоа е нашата позиција со која влегуваме во преговорите“.

 

Со тоа Меркел значително го стеснува преговарачкиот простор и јасно ги става Социјалдемократите (СПД) по притисок. Во минатиот петок (15.12.), по долга дискусија на партиското раководство, официјално беше дадено зелено светло за почеток на преговорите со Унијата. Тоа би требало да се случи во првите денови од наредната година и веќе во средината на јануари би требало да се знае каде би можело да води политичкото патешествие.

 

Мнозинството во СПД за малцинска влада

 

Акцентот е на „би можело“, зашто 12-члениот тим на СПД има ограничен преговарачки мандат. Тој предвидува преговори со отворен исход. Тоа е заклучокот кој лидерот на СПД, Мартин Шулц го повтори и на Твитер и по обраќањето на канцеларката.

 

Ново издание на големата коалиција во СПД не е премногу омилена опција. На 14 јануари треба да се одржи вонреден партиски конгрес, на кој би требало да се одобрат или отфрлат резултатите од сондирачките коалициски преговори со Унијата. За коалицискиот договор би требало да гласа дури и целото членство на партијата. Притоа мнозинството е наклонето кон лабава соработка со Унијата и попрво би поддржало малцинска влада предводена од ЦДУ/ЦСУ.

 

Но токму тоа Меркел не го сака, што кратко и јасно го порача. Исто како и СПД и ЦДУ формира свој 12-член преговарачки тим предводен од Меркел. Претседателите на партиите и на пратеничките групи на СПД, ЦДУ и ЦСУ денеска (20.12.) треба да се состанат во потесен круг, како вовед во големата преговарачка рунда на почетокот на јануари. За сондирачките преговори, за кои е предвидена една недела, според желбата на Меркел би требало да се постигне единство за одредени клучни прашања. Меѓу другото и кога е во прашање Европа, односно за натамошниот развој на ЕУ до 2030 година, истакна канцеларката.

 

Доселувањето и социјалните прашања – клучни теми

 

ЦДУ во преговорите влегува со програмата изработена за изборите за Бундестагот во септември годинава. Појдовни точки се заедничката владина програма и прописите за миграцијата, кои ЦДУ и ЦСУ ги подготвија по изборите за Бундестагот. Темите доселување и интеграција, значи, ќе бидат од големо значење во коалициските разговори. На тоа се надоврзуваат и социјалните теми кои СПД претходно ги означи како приоритетни. На пример, воведувањето на осигурување за граѓаните, значи здравствено осигурување во кое можат да уплаќаат и самостојните претприемачи и државните службеници.

 

Меркел не сакаше јасно да каже што мисли за овие теми. Неспорно е дека има пропусти во здравствениот систем. „Точно е има многу нешта што треба да се направат за да се подобри здравствениот систем, но верувам дека е можно да се постигнат заеднички решенија“.

 

За тие решенија двете страни сакаат помалку да говорат во јавноста, а повеќе меѓу себе. Ако Ангела Меркел нешто научи од пропаднатите сондирачки преговори за таканаречената Јамајка владина коалиција тогаш сигурно е тоа. А што ако во преговорите не биде остварен резултат на кој се надева канцеларката и шефица на ЦДУ? „Доколку во преговорите со СПД не биде остварен резултат каков што очекувам, тогаш Унијата ќе мора да се ориентира на целосно нов начин“.

 

Извор: ДВ

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи