Села: Позицијата „вицепремиер за носење бурек“ ја отстапувам на ДУИ

По средбата со премиерот Зоран Заев, лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, изјави дека за нив е неприфатливо да се измислуваат функции преку ноќ за Алијансата да остане во Владата, бидејќи, како што рече, на таков начин се омаловажува партијата која останува посветена на реформите.

 

Села рече дека на средбата му порачал на Заев да „стокми“ функција, како што рече, „заменик премиер за носење бурек“ која ќе му ја отстапел на ДУИ.

 

„Ние остануваме на нашите ставови дека нема да прифатиме позиции кои се прават преку ноќ за да се омаловажува Алијансата за Албанците, такво нешто ние нема да прифатиме. Јас му дадов предлог на Премиерот да стокми уште една друга позиција „заменик премиер за носење бурек“, и после таа позиција ќе му ја дадам на ДУИ. Ние остануваме на нашите ставови дека ќе го држиме Министерството за здравство“, изјави Села.

 

Села исто така рече дека за Алијансата за Албанците според претходно договореното е прифатлива само функцијата министер за здравство, а дополни и дека Алијансата останува во Владата до процесите на реформите, за што всушност влегле во Владата.

 

„Нема да правиме договори над договори. Договор за Влада е направен кога се формираше власта и раководевме со Министерството за здравство го правевме тоа успешно. Ако на некој му пречи успешноста, треба да излезе и да каже“, рече тој.

 

Лидерот на АА му порача на Премирот дека очекува предлогот за министер за здравство до Собрание дека ќе биде од редовите на Алијансата, со што ќе покажел дека е сериозен и дека не зависел од уцени од други политичари.

 

Владата неделава потврди дека за министер за здравство ќе го предложи Венко Филипче. На новинарско прашање што ќе преземе Алијансата за Албанците ако Владата испрати до Собранието кандидат за министер за овој ресор, Села рече дека прво ќе почекаат да биде избран заменик на Арбен Таравари, па тогаш ќе излезат со став дали ќе излезат од Владата.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien