Хаг: Церемонија за затворање на трибуналот по 24 години постоење

Откако заседаваше 10.800 денови, сослуша 4.650 сведоци и испиша 2,5 милиони страници транскрипти, Меѓународниот суд за воени злосторства за територијата на бивша Југославија денеска и официјално престанува со работа.

 

Церемонијата на затворањето, на којашто ќе присуствува и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутиереш, ќе означи крај на 24 години истраги и процеси, од коишто произлегоа 161 пресуда. Овој суд успеа да осуди или да стави зад решетки некои од централните фигури во крвавиот распад на Југославија, како Слободан Милошевиќ, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.

 

Тој беше основан во 1993 година, уште додека траеја војните во Хрватска и БиХ, како прв таков суд по оние во Нирнберг и Токио, на кои им се судеше на фашистичките злосторници од Втората светска војна.

 

Деведесет лица беа осудени за геноцид, злосторства против човештвото и за други воени злосторства, меѓу кои има политичари, генерали, воени офицери, но и припадници на разни паравоени формации.

 

На крајот, судот го опфати и воениот конфликт во Македонија во 2001 година, па во Хаг завршија и Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски, при што првиот беше ослободен, а вториот одлежа осум години затвор.

 

Со работа престана на 30 ноември кога беа прекинати сите првостепени постапки, а останатите случаи ги презеде т.н. Механизам за меѓународни кривични судови.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien