Димовски и Милошоски не одат на Конгресот во Валандово

Високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски и Илија Димовски, нема да одат на Конгресот во Валандово, на кој треба да се избере нов партиски лидер.

 

Според Милошоски и Димовски, овој конгрес не е по демократските стандарди и принципи на партијата.

 

„Моја принципиелна лична одлука е да не учествувам на конгресот за кој сметам дека има демократски дефицит и нелојална конкуренција за најважната одлука од која зависи перспективата на ВМРО-ДПМНЕ како конзервативна партија. На сите делегати им пожелувам успешен настан и продуктивни одлуки“, вели Милошоски.

 

Милошоски не се појави ниту на синоќешната седница на Централниот комитет откако претходно Извршниот комитет го отфрли предлогот за одложување на конгресот.

 

Покрај Антонио Милошоски, и Илија Димовски е еден од 50-ината партиски функционери кои јавно побараа одложување на конгресот за февруари и формирање колективно претседателство, како и зголемување на бројот на делегатите поради нелегитимен и недемократски процес за избор на кандидат за партиски лидер, со користење на партиските ресурси и фаворизирање само еден кандидат.

 

Единствен кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ е генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски. Тој вчера изјави дека очекува успешен конгрес, ги отфрли обвинувањата за притисок и закани врз делегатите од негова страна и порача дека не стравува од фракции во партија.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien