Партиите за независност победија на изборите во Каталонија

Facebook
Twitter
Email
Print

Каталонските сепаратистички партии освоија мнозинство во регионалниот парламент на Каталонија, покажуваат прелиминарните резултати по вчерашните предвремени избори. Трите каталонски партии кои се залагаат за независност на регионот заедно освоија 70 претенички места во парламентот, кој брои вкупно 135 пратеници.

 

„Постигнавме резултат кој никој не може да го оспори. Шпанија е поразена и победи Република Каталонија. Мариано Рахој и неговите сојузници загубија“, изјави разрешениот лидер на Каталонија Карлес Пуџдемон во Брисел, повикувајќи на нова рунда преговори со централната влада на премиерот Маријано Рахој, чијашто партија освои само три пратенички места во составот на новиот парламент.

 

Со речиси 100 насто преброени гласови, коалицијата „Заедно за Каталонија“ освои 34 места, „Републиканската левица на Каталонија“ 32, а ултралевичарите од „Кандидатурата за народно единство“ ќе заземат 4 пратенички места. Така со вкупно 70 пратеници, поддржувачите на независноста на регионот создадоа мнозинство во новиот парламент. И покрај големата поддршка за струјата што се залага за независност на регионот, сепак не е на повидок брзо решение на шпанската криза ниту формирање на новата влада.

 

Унионистичката „Граѓанска партија“ која е против независност од Шпанија освои 37 места и е најбројна политичка опција во 135-члениот парламент.

 

„Над милион гласачи во Каталонија застанаа зад нашата партија, нашите храбри луѓе отворено велат дека не сакаат поделба. Токму тие му испратија порака на светот. Националистичките партии никогаш повеќе нема да можат да зборуваат во името на целата Каталонија, бидејќи сите ние сме Каталонија“, вели Инес Аримадас, лидер на Граѓанската партија.

 

Излезноста на вчерашните предвремени регионални избори во каталонија беше рекордна и изнесуваше речиси 82 отсто. Предвремените избори ги свика шпанскиот премиер Маријано Рахој, откако ја отпушти каталонската регионална влада и го распушти регионалниот парламент кон крајот на октомври, по прогласувањето независност од страна на сепаратистичките регионални лидери.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи