Мицкоски е новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Доцна попладнево на 16 конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски беше избран за трет претседател на партијата. Досегашниот Никола Груевски, заминува по 14 години раководење на ВМРО-ДПМНЕ чие лидерство го презема од Љубчо Георгиевски.

 

Oд вкупно 438 присутни делегати на 16-от вонреден конгрес, 376 делегати гласале „за“, а имало 52 неважечки ливчиња.

 

Во своето обраќање пред јавноста и делегатите, тој изјави дека да се биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ е голема чест и задоволство.

 

“Сега е време да станеме заедно, ВМРО го очекува тоа од нас, а државата го бара тоа од нас. Потребен е нов елан и нова енергија. Ова што сега го гледаме не е ниту светлина, ни надеж, туку темнина и разочарување. Мојата визија за Македонија е земја на среќни граѓани. Силна економија со домашно стопанство и крупни инвестиции. Земја со стабилен бруто домашен производ. Граѓаните заслужуваат подобро здравство. Корупцијата, политичките притисоци и одмазда мора да станат минато. Правичноста е најважна. Мора да растат платите на граѓаните. Во надворешната политика планот 3-6-9 нема резултат. Деветката ќе дојде, тројката не ја ни почнавме. Младите ја губат перспективата. Македонија е сè подалеку од ЕУ“, изјави Мицкоски.

 

Мицкоски беше единствен кандидат за наследник на Груевски, кој беше лидер на ВМРО-ДПМНЕ од 2003 година. Груевски ја најави оставката од претседател на партијата откако партијата доживеа голем пораз на локалните избори, по што следуваше формирање на фракции во ВМРО-ДПМНЕ, посебно околу начинот на кој партијата треба да функционира во иднина. Антонио Милошоски, Илија Димовски, Владимир Пешевски и Никола Попоски не се појавија на конгресот во Валандово.

 

Мицкоски, кој досега беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, е доктор по технички науки-машинство и вонреден професор на Машинскиот факултет во Скопје. Беше претседател на управниот одбор и генерален директор на АД ЕЛЕМ.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien