УНИЦЕФ: Децата од кризните подрачја се изложени на напади од шокантни размери

Детскиот фонд на Обединетите Нации, УНИЦЕФ, соопшти дека нападите врз деца во конфликтните зони низ светот достигнале „шокантни“ нивоа во 2017 година.

 

Напаѓачите бесрамно го занемаруваат меѓународното право кое е осмислено за да ги заштити најранливите, се наведува во соопштение на УНИЦЕФ.

 

„Децата се мета и се изложуваат на напади и насилство во нивните домови, во училиштата и на игралиштата. Светот не смее да отрпне на тие напади и таквата суровост не смее да стане нормална“, изјави директорот на програмата на УНИЦЕФ за вонредни состојби Мануел Фонтаин.

 

Според УНИЦЕФ, децата се користат како жив штит, ги убиваат, осакатуваат и регрутираат за борби. Силувања, присилни бракови, киднапирање и поробување станаа стандардни тактики во судирите во Сирија,  во Јемен,во Нигерија и во Мјанмар.

 

Извештајот посочува неколку зони на конфликт за кои е наведено дека минатата година децата трпеле големи злосторства:

 

  • Во Централноафриканската Република деца биле убивани, силувани, киднапирани и регрутирани од вооружени групи во драматично зголемено насилство.
  • Исламистичките милитанти од Боко Харам принудиле 135 деца во североисточна Нигерија и Камерун да служат како бомбаши самоубијци, што е скоро пет пати поголема бројка од 2016 година.
  • Муслиманските деца Рогинги во Мијанмар трпеле „шокантно и распространето насилство“ додека биле отстранувани од своите домови во провинцијата Ракине.
  • Во Јужен Судан, повеќе од 19.000 деца биле регрутирани како вооружени сили и вооружени групи.
  • Во борбите во Јемен најмалку 5.000 деца загинале или се повредени според официјални бројки, додека очекувано е вистинската бројка да биде многу повисока.
  • Во источна Украина 220.000 деца живеат под постојана закана од мини и други направи кои не експлодирале кои се останати од војната.

 

Милиони деца станаа жртви на тие судири, страдајќи од неухранетост, болести и повреди, додека од друга страна поради борбите оневозможени им се основните услуги како пристап до храна, вода, здравствена заштита и санитарни услови.

 

„УНИЦЕФ ги повикува сите страни од конфликтите да се придржуваат до нивните должности според меѓународното право и веднаш да престанат со насилството кон деца и таргетирање на цивилна инфраструктура, помеѓу кои и училишта и болници. УНИЦЕФ исто така ги повикува државите кои имаат влијание врз страните во конфликтите да го искористат нивното влијание за заштита на децата“, се додава во извештајот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien