Јавна расправа по Предлог законот за амнестија

Собраниската Комисија за политички систем денеска одржа јавна расправа по Предлог-законот за амнестија на која присуствуваа и министерот за правда Билен Саљији, заменик-министерот за правда Оливер Ристовски, Народниот правобранител Иџет Мемети, како и претставници на невладиниот сектор.

 

Со Предлог-законот се предвидува ослободување од издржување казна затвор на приближно 670 правосилно осудени лица на затвор до шест месеци, а за 3.097 лица намалување на казната за 30 отсто. При поднесување на законот во предвид биле земени условите во казнено-поправните установи и затворската популација.

 

Народниот правобранител посочи дека овој закон е комбиниран, односно колку е материјален, толку е и процесен.

 

„Не може да се донесе закон за амнестија без да се донесе и постапката како да биде спроведен. Сметам дека постапката за спроведување мора да се разграничи за да нема разлики во спроведувањето и нерамноправност“, изјави Мемети.

 

Министерството за правда при подготвувањето на законот ги имало во  предвид условите во казнено-поправните установи како институции кои треба да овозможат и обезбедат успешна ресоцијализација на осуденичката популација и кои, како што посочи на собраниската седница заменик-министерот за правда Ристовски, неспорно се пренатрупани, условите за престој од меѓународните организации се оценети како нехумани, а опасноста од криминална инфекција во казнено-поправните установи е реална.

 

Затоа се оценило дека е неопходно донесување закон со кој група лица осудени на казна затвор до шест месеци за лесни кривични дела ќе се ослободат од издржување на казната. За другата затворска популација е предвидено намалување на вкупната казна за 30 проценти, освен за делата што со овој предлог се изземени од амнестија.

 

Предлог-законот за амнестија во прво читање доби поддршка од пратениците на собраниска седница што се одржа пред три дена.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien