Филипче: Ќе направиме интегриран здравствен систем и реформи за никогаш повеќе да нема здравствени кризи

Facebook
Twitter
Email
Print

Новиот министер за здравство, Венко Филипче, денес ја одржа првата прес-конференција откако стапи на оваа функција, претставувајќи ја својата визија за здравството во наредниот период.

 

Новиот министер за здравство најави интегриран здравствен систем, каде преку електронска база на податоци ќе може да се добијат информации за видот и количество лекови кои ги поседуваат разните клиники и болници, со што , според него, ќе може редовно да се има увид каде го има потребниот лек. На тој начин ќе има контрола и на набавката и на користењето на лековите.

 

Филипче најави дека ќе се направи регистар на болести во Македонија. Оваа статистичка операција ќе биде корисна од повеќе аспекти, во случај на разни научни истражувања, а воедно ќе се евидентираат сите досиеа на болни, кои сега се во хаотична состојба.

 

Новиот министер има план и како да ги задржи докторите во Македонија. Тој ќе им понуди можности за поголема едукација, особено на младите лекари. Покрај зголемувањето на платите во здравството од 5 отсто од втората половина на следната година, новиот министер за здравство вети и зголемување на надоместокот за дежурства во работни денови од 900 до 1.340 денари сега, на 2.500 до 3.000 денари, а за викенд дежурства наместо досегашните 2.800 денари да се исплаќаат по 4.000 денари.

 

Новиот министер за здравство, изјави дека во Македонија нема инсулинска криза. Според него, главниот проблем поради кој се јавува недостиг на инсулин е процедурата за набавка. Од Агенцијата за лекови, пак, во исто време информираа дека инсулинот бил дистрибуиран во земјава на крајот на ноември, но анализите на неговиот квалитет и други проверки траеле еден месец, а лекот денеска ќе биде пуштен во промет.

 

„Во моментот нема инсулинска криза. Се покри количината на потребни инсулини и во моментов има доволно, но ќе ја подобриме процедурата да не дозволиме во ниеден момент да има недостиг на тие лекови“, рече Филипче.

 

Според него, најголемиот проблем во набавката на инсулин е самата процедура, која трае долго. Агенцијата за лекови денеска информира дека по извршениот квалитет на инсулинот кој бил дистрибуиран во земјава на крајот на ноември, во текот на денешниот ден е донесено решение за пуштање во промет на испитаните лекови и серии.

 

„Ќе направиме сè, па и измени на законската регулатива за никогаш повеќе да не се повтори криза како оваа со инсулинот и сите лекови во иднина да се набавуваат дури и предвреме. Сакаме да се подобри здравствената регулатива и тендерите за набавка на лековите да се распишуваат за подолг период наместо една година, како и да се распишуваат одреден период пред новата набавка, за никогаш повеќе да не се повтори ваква криза. Моментално нема инсулинска криза благодарение на донацијата од една фирма производител и ве уверувам дека ќе направиме сè повеќе да не се случи таква криза“, рече новиот министер за здравство.

 

Министерот за здравство запрашан за неговиот претходен ангажман во министерството изјави дека кога бил советник на поранешниот министер од  редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, имал професионален ангажман и друга конкретна соработка немале.

 

„Во оваа насока, сакам да им порачам на младите лекари нивната стручна работа во никој случај да не ја поврзуваат со политичка партија“, рече министерот.

 

Неговиот потпис во професорскиот контрапленум, пак, како што рече, бил големо недоразбирање. Граѓаните може да бидат сигурни во неговите потписи како министер за здравство, порача Филипче, запрашан како може да му веруваат граѓаните, бидејќи како што изјави претходно, кога го ставил потписот за контрапленумот не знаел што потпишува.

 

Филипче рече и дека нема да го поништи конкурсот за избор на советник за здравствен менаџмент и здравствена политика, на кој една од трите барани сфери на образование беа и историските науки. Рече дека ќе се направи нова систематизација, за да не се повторуваат такви ситуации, а според министерот, избраниот кандидат на новиот конкурс не е толку проблематичен, оти сепак е економист.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи