ВИДЕО : Изгоре „Gallery house“ пабот во центарот на Прилеп, пожарот е подметнат

Засега непознато лице утрово околу 3.30 часот влегло во „Gallery house“ пабот во центарот на Прилеп додека угостителскиот објект бил затворен, истурило запалива течност врз инвентарот и го запалило објектот. Ова го потврдија од СВР Битола кои засега не го откриваат името и презимето на сторителот, ниту тоа дали тој е приведен. Според неофицијални и непотврдени информации лицето во моментов е уапсено и се наоѓа во ПС Прилеп.  Штетата првично се проценува над 200.000 евра.

 

 

„Во пожарот опожарен е надворешен монтажен дел, стакларник и дел од внатрешниот инвентар на првиот и вториот кат на објектот. Исто така зафатени се и делови од надворешниот соседен објект. Материјалната штета дополнително ќе се утврдува. Од страна на ПС Прилеп е веднаш излезено на лице место, повикан е и јавен обвинител, лице од областа на електрониката и вешто лице. Увидот се уште трае. СВР Битола работи на расчистување на случајот и се прегледуваат снимките од безбедносните камери“, изјави Лефтерија Миленкоска, портпарол на СВР Битола.

 

 

Од ТППЕ Прилеп истакнаа дека нивни екипи веднаш излегле на лице место и успеале од пожарот да ги спасат сите околни објекти.

 

„Екипите на ТППЕ Прилеп веднаш интервенираа на лице место со 2 возила и 4 пожарникари. Огнот беше ставен под контрола за околу 20 минути за да не се шири кон соседните објекти. За неполн час, околу 4.20 часот, пожарот беше изгаснат. Има помали оштетувања и на соседните објекти, но успеавме да ги спасиме“, вели Станко Колески, командир на ТППЕ – Прилеп.

 

Повеќе информации околу случајот се очекуваат во текот на денот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien