ФОТО ГАЛЕРИЈА : Завршија градежните работи на Трескавец за 2017 година

На само неколку дена пред Нова година завршија градежните работи околу изградбата на новите конаци на манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ за 2017 година.

 

Проектот за изградба е започнат за време на мандатот на претходната Влада, а инвеститор е Министерството за култура. Изведувач на градежните работи е српската фирма „Кото“.

 

Проектот е вреден околу 2 милиони евра, а според динамиката нa работа обновата треба да заврши до крајот на 2018 година.

 

Конаците во поголем дел се завршени и скоро сите покриени со камени плочи. Со подобрувањето на временските услови и започнувањето на пролетта ќе започне поставувањето на дограмата, внатрешното уредување на конаците, екстрериерот на објектот и други градежни работи.

 

 

Планирано е да се врати целиот автентичен изглед на манастирот каков што тој го имал во минатото. Манастирот ќе има противпожарна централа со сензори кои ќе го покријат целиот објект. Се гради мрежа на хидранти околу објектот и ќе има апарати со гас за гаснење на пожар. Изработен е и посебен елаборат за противпожарна заштита, така што овој пат при изградбата запазени се буквално сите стандарди кои што постојат во Македонија и пошироко за заштита од пожари.

 

Освен обновата на конаците во тек е и еден многу значаен проект, а тоа е проектот за превентивна заштита на црквата. Сега околу целата црква се прави дрвена конструкција која подоцна треба да служи за заштита на храмот од надворешните влијанија.

 

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е во крајно лоша состојба. Огромен број на фреските кои потекнуваат од 13 и 14 век се буквално во распаѓање. Ситуацијата е алармантна и треба час поскоро да се реагира. Потребна е итна интервенција и на Министерството за култура и на државата за да се заштити ова не само македонско, туку и светско културно наследство и да се започне со реставрација на црквата, старата трпезарија и магерницата.

 

Во галеријата која ја направи екипата Инфо Компас може да погледнете каква е мометалната слика на Трескавец.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien