ВИДЕО : Христоски : Во 2018 Крушево го очекува градежна експанзија

Пред околу 2 месеци екипата на порталот Инфо Компас го направи првото интервју со градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски, веднаш по неговото назначување на оваа функција. Денес 2 месеци потоа повторно го посетивме неговиот кабинет и со него поразговаравме околу реализираните проекти во Крушево во 2017 година и кои се идните планови на локалната самоуправа за развој на општината во 2018 година.

 

 

Г-дине Христоски за краткиот период од 2 месеци, откако сте градоначалник на Општина Крушево, кои проекти се реализирани за подобрување на квалитетот на живеењето на граѓаните ?

 

Набавивме ново противпожарно возило и комплетна опрема за припадниците на ТППЕ од нашиот град, исто така во наредниот период ќе се објави повик за набавка на возило за собирање на смет, кое што ние како локална самоуправа ќе му го подариме на јавното комунално претпријатие „Комуна“.

 

Во каква состојба се наоѓаше претходно ТППЕ, дали имаше доволно опрема и возила потребни за гаснење на пожари ?

 

ТППЕ од Крушево се наоѓаше во многу лоша состојба, со многу застарени возила, застарена технологија и немаа соодветна опрема за справување со пожари.

 

ЈП „Комуна“ дали имаше услови и можности за собирање на сметот ?

 

Исто така и ЈП „Комуна“ работеше со застарени возила, трактори, сега успеавме да издејствуваме објавување на повикот во соработка со Бирото за регионален развој и Министерството за локална самоуправа да набавиме возило за смет, возило кое ќе ги исполнува современите стандарди за собирање на сметот од општината.

 

 

Се наоѓаме на неколку дена после Нова година, како крушевчани ја дочекаа најлудата ноќ, со оглед на тоа дека Крушево претставува еден од најубавите туристички центри во Македонија. Знаеме дека оваа година временските услови не ни се многу наклонети, нема снег, но дали во Крушево за празниците и покрај тоа имаше посетители и гости ?

 

Иако нема снег, за празниците Крушево го посетија доста туристи, поголем дел од нив сеуште се тука и планираат тука да го останат и за Божик. Капацитетите како во хотелите така и во приватното сместување се полни.

 

Пред празникот Божик тука се одржува една уникатна манифестација која што ја нема на ниту едно друго место во Македонија, тоа е манифестацијата наречена „Дева“ и која претставува вистински спектакл и неа може да ја проследат сите кои што за време на божикните празници ќе бидат во Крушево ?

 

Да, ние како општина и јас како градоначалник ја поддржав иницијативата на младите од училиштето „Наум Наумоски – Борче“ за одржување на оваа манифестација и организација на еден ваков пречек на Христовото раѓање.

 

Што ќе се случува за време на тој настан ?

 

Тоа ќе биде доста интересен настан во кој што ќе учествуваат учениците од крушевската гимназија, ќе бидат вклучени и родителите на децата како и месното население. Настанот ќе се случува во петок во попладневните часови со почеток во 18 часот, а манифестацијата ќе продолжи и наредниот ден.

 

 

Оваа манифестација е само еден туристичките потенцијали и можности кои ги нуди Крушево. Кои се вашите идни планови за промоција, поддршка и развој на туризмот во овој град ?

 

Ние во иднина ќе се насочиме на повеќе проекти за привлекување на странски и домашни инвеститори, особено во индустриската зона „Опаленик“. Таму веќе се гради преработувачки капацитет за тутун на грчката компанија „СЕКЕ“. Оваа пролет се очекува погонот да започне со работа и таму би се вработиле околу 250 луѓе претежно од Општина Крушево, со што значително ќе се подобри локалниот економски развој. Очекуваме во зоната „Опаленик“ да дојдат и да инвестираат уште две компании. Со што ќе може веќе во тие капацитети да се вработуваат и лица од другите околни општини.

 

 

Колку нови вработувања очекувате во 2018 година во Општина Крушево ?

 

Точно не можеме да прецизираме колкав ќе биде бројот на ново отворени работни места, но ќе биде доволно голем за да значително се намали невработеноста во нашата општина.

 

Невработеноста е еден од основните фактори за миграцијата на младите не само од Крушево туку и од останатите градови во Македонија. Како во иднина планирате да го стопирате процесот на иселување на младите ?

 

Планираме иселувањето да го намалиме или целосно да го стопираме. Ние сакаме младите да ги задржиме да останат тука со тоа што би се отвориле нови работни места преку домашни и странски инвеститори и ќе направиме се за да Крушево биде едно навистина убаво место за живеење.

 

Економијата е основниот фактор за развој на една општина, а една пак од главните економски гранки на Крушево е туризмот, кој што носи доста прилив и средства како кај домаќинствата, така и во општинската каса. Кои инвестиции се планираат за да уште повеќе се зголеми бројот на туристите во Крушево, како во зимскиот период, но и во летните месеци ?

 

Туризмот ќе го развиваме преку неколку проекти каде веќе имаме аплицирано и преку соработката со централната власт со чија помош ќе ги реконструираме регионалните патишта Крушево – Кривогаштан и Крушево – Демир Хисар, со тоа ќе се подобри инфраструктурата, а подобрата инфраструктура ќе донесе повеќе посетители во Крушево. Исто така аплициравме во Светска банка каде помина првата фаза, сега очекуваме да помине и втората фаза, за проектот за уредување полетувалиштето на параглајдери. Со таа инвестиција Крушево ќе добие значајно место на мапата на топ светски дестинации за развој на параглајдерството. Во 2019 година ќе бидеме домаќини на светското првенство во параглајдери, а годинава ќе бидеме домаќини на националните првенства како руско, германско, австриско и многу други. Ние како Општина сме должи на параглајдерите да им овозможиме услови, како што е инфраструктурата на самото полетувалиште и изградба на пропратни содржини на самото место.

 

Кога станува збор за туризмот во Крушево тука мора да се истакне секако и Спомен куќата на Тоше Проески, која што е еден од најпосетуваните музеи на Балканот и секако тука е неговото вечно почивалиште кое што со текот на годините се најде во една незавидна состојба. Што се планира околу идејата за изградба на нов гроб за нашата најголема музичка ѕвезда ?  

 

Јас како градоначалник на Општина Крушево заедно со службите на локалната самоуправа дадовме една иницијатива до Владата на РМ, која што ни излезе веднаш во пресрет и одвои 160.000 евра кои што ќе се наменат за изградба на ново и достојно вечно почивалиште на нашата поп икона. Со тоа ние би се оддолжиле спрема него на некаков начин и ќе продолжиме да го негуваме ликот и делото на нашиот Тоше Проески.

 

 

Спомнавте дека ќе се реконстуираат двата патни правци Крушево – Кривогаштани и Крушево – Демир Хисар, кога ќе започне реализацијата на овие проекти и колкава ќе биде инвестицијата ?

 

Веќе се одвоени средства од Владата во соработка со Министерството за транспорт и врски, а како што кажав и претходно сето тоа се прави по наша иницијатива. Покрај овие патни правци ќе се изградат и други помали локални патишта како во градот така и во населените места.

 

Сето ова ќе се случува во 2018 година ?

 

Да, во 2018 Крушево го очекува градежна експанзија.

 

Кои населени места ќе добијат нова патна инфраструктура ?

 

Нов општински пат ќе добие стопанство Норово, потоа Лажани – Борино, со крак Саждево – Јакреново и се планира нов пат помеѓу Борино и Житоше. Очекуваме да аплицираме на повиците на Европска инвестициона банка и со нив да се направи реконструкција на водоводната и канализациона мрежа во населените места Белушино, Борино, Саждево, Норово, Алданци и Пресил.

 

 

Кога станува збор за водоснабдувањето еден од основните проблеми со кои се соочува градот Крушево е токму немањето на доволни количини на вода, како планирате да се реши овој проблем, особено кога ќе биде туристичката сезона, туристите доаѓаат тука и се соочуваат со тоа да немаат вода ?

 

Општина Крушево се соочува со проблемот на немање на доволно пивка вода за пиење. Ние моментално сме во преговори со Општина Македонски Брод да зафатиме дополнителни извори од нивна територија за снабдување на вода за градот Крушево. Очекуваме дека ќе има позитивен одговор и од другата страна и дека конечно ќе го решиме овој проблем.

 

Со тоа повеќе нема да бидете приклучени на регионалниот водовод „Студенчица“ или ова ќе бидат само дополнителни количини на вода ?

 

Со тоа би добиле дополнителни количини на вода, а исто така би се намалило и испумпувањето на вода од „Студенчица“, би се намалиле огромните суми на пари кои сега како општина ги трошиме за оваа намена, затоа што мораме водата од 250 метри надморска височина да ја испумпаме на 1.250 метри надморска височина. Тука сакам да напоменам дека и браната на крушевското езеро е во лоша состојба, таа е напукната и има опасност од излевање на езерото. Но најдовме на разбирање кај Министерството за земјоделство кои ќе ни помогне околу нејзина реконструкција и ревитализација.

 

 

Исто така важен фактор за развој на една општина се спортот и младите. Спортската сала во Крушево е навистина во една незавидна состојба. Како планирате да се реши овој проблем, дали се планира нејзина реконструкција и нормално дали се планира отворање на други спортски објекти ?

 

Кога дојдов на чело на Општина Крушево, спортската сала ја начекав во една навистина катастрофална состојба, планираме во иднина нејзино комплетно реконструирање како внатрешниот така и надворешниот дел. Исто така планираме внатре да се постават и други содржини како, карпа за болдеринг, фитнес сала и слично.

 

Дали овие средства се веќе одобрени ?

 

Средствата дел се одобрени, дел чекаме на одобрување од разни фондови.

 

Освен спортот тука е и културата, дали се планира изградба на некаков младински културен центар каде што младите би ги искажувале своите афинитети кон културата и уметноста ?

 

Ќе ја реконструираме и горната училишна зграда „Никола Карев“ со што младите ќе добијат катче за организација на разни манифестации.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien