Европската комисија ги тужи Полска, Чешка и Унгарија затоа што одбиваат да примат бегалци

Европската комисија пред Судот за правда на Европската Унија ги тужи Полска, Чешка и Унгарија за тоа што не ја почитуваа одлуката за прераспределба на бегалците во ЕУ според националните квоти и целосно прекинаа да ги примаат, соопшти денес судот на ЕУ во Луксембург.

 

„Денеска почнува постапката што ја иницира ЕК. Тужените земји имаат право да реагираат на овој потег на Комисијата. Првото рочиште може да се очекува на крајот на оваа година, во ноември или декември“, рекол портпаролот на Судот, Балаж Лехоцки, и додал дека процесот може да трае 18 месеци.

 

Тој додаде дека целиот процес може да трае околу 18 месеци.

 

Претходната полска либерална вада на Ева Копач во 2015 година се обврза дека во рамките на договорот за релокација ќе прими околу 7.000 бегалци од Блискиот Исток и од Африка, но по парламентарните избори, конзервативната влада на партијата Право и правда прекина да прима бегалци од центрите во Италија и Грција со оправдување дека нема начин да изврши нивна темелна проверка и дека се ризик за Полска.

 

Новиот полски премиер Матеуш Моравјецки категорично го одби апелот на својот татко и влијателната Полска католичка црква барем да се отворат хуманитарни коридори за бегалците и да се примат навистина загрозените од војна, истакнувајќи дека Полска ни сега ни во иднина нема да прима бегалци од Блискиот Исток и од Африка.

 

Чешка за време на претходната влада на Бохуслав Соботка прими 12 бегалци од квотата од речиси 3.000, а потоа ја запре програмата со образложение дека Грција и Италија не им овозможуваат на чешките органи да ги проверат бегалците што би дошле во Чешка.

 

Иако Словачка ја тужеше ЕУ околу квотите и го изгуби спорот, владата на премиерот Роберт Фицо покажа во последен момент желба за соработка и прими мал број бегалци, па како единствена од Вишеградската група Европската комисија не ја тужи.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.