ВИДЕО : По трет пат во Прилеп се одржа Бадниковата поворка

Пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ и носејќи со себе макета од малата пештера каде се родил Исус Христос, како и многу давидови ѕвезди, децата од Прилеп тргнаа од црквата „Свети Кирил и Методиј“ – Параклис и ја изведоа третата по ред Бадникова поворка во овој град.

 

 

Според отец Веле Спиркоски возобновувањето на овие традиции е за зачувување на вистинските вредности.

 

„Ние имаме многу убави традиции кои изникнуваат одамнина, но кога црквата имала многу помало влијание и кога била замолчувана неможела многу да влијае за да ги сочува во чист православен дух онака како што треба овие традиции и затоа имаме и многу пагански примеси во нашите традиции. Така сега со оваа поворка која што се прави тука не случајно се гледаат многу работи, односно како треба да изгледаат нашите вистински христијански традиционални работи кои што ние треба да ги исполнуваме. Кога ги гледаме дечињата кога доаѓаат, нивната радост и блесокот во нивните очиња и како се подготвуваат за оваа поворка, можеме да заклучиме дека со таква радост и чиста душа треба да ги почитуваме и нашите традиции и да ги сочуваме во една таква чистина како што е чиста детската душа“, истакна отец Веле Спиркоски.

 

Дечињата во поворката се од основните училишта од Прилеп кои го посетуваат предметот Етика на религиите.

 

„Прекрасно е чувството да се учествуваа во оваа поворка, во една ваква манифестациија и да се пејат песни на Бог. За овој настан се подготвувавме скоро еден месец, учевме да ја свириме и пееме песната и ги изработувавме ѕвездите кои сега ги носиме“, рекоа дечињата.

 

 

Во очи на големиот христијански празник Божик отец Спиркоски вели дека главната порака на црквата е :

 

„Сите ние кога славиме треба да ја чуваме чистината на сета наша вера и традиција. Да не се внесуваат во верата паганизми и да се повикуваме дека така правеле нашите предци, тоа не е така, тоа е од  неколку децении и сме ги внеле во нашата свест отсекогаш. Нашите предци многу добро знаеле што значи Бог, што значи црквата и што значи нашата вера“, додава отец Спиркоски.

 

Поворката се прошета низ улиците во Прилеп и старата чаршија, а паричните средства кои ќе се соберат како дарови од граѓаните ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien