Најчевска поднесе оставка: Советот за реформи во правосудството е параван и создава лажна слика

Професорката Мирјана Најчевска поднесе оставка како член на Советот за реформи во правосудството. За нејзината одлука писмено го известила Министерството за правда и останатите членови.

 

„Изминатиот период јасно покажа дека ова тело е формирано само како параван за решенија кои се носат на друго место и служи за создавање лажна слика дека некаков експертски тим има влијание врз реформските процеси во правосудството. Фактички ова тело нема достап до никакви информации, нема удел во ниту едно реформско решение и не учествува во анализите на законите кои се менуваат. Јас како независен експерт и како универзитетски професор немам намера да служам за залажување на граѓаните и не дозволувам моето име да биде искористено во политичките промени кои се нарекуваат правни. Да не остане ништо нејасно: поднесувам официјална оставка и изјавувам дека не сум ги видела законските текстови кои се влезени во собраниска процедура или е најавено дека ќе бидат ставени на дневен ред на Собранието (Законот за јавнообвинителска служба, Законот за кривична постапка, Законот за полиција, Законот за извршување, …)“, напиша Најчевска.

 

Ова е втора оставка од Советот, откако претходно и професорот Гордан Калајџиев најави повлекување.

 

Советот за реформи во правосудството е формиран во јули 2017 како дел од владиниот акциски план за реформи 3 – 6 – 9. Во составот на ова тело влегуваат 17 надворешни  и пет члена од Министерството за правда. Претседател е министерот за правда, Билен Саљији.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien