ВИДЕО : Во Прилеп се одржа 12-тиот Божикен ручек во организација на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот

И оваа година по 12-ти пат во организација на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот, во хотелот „Кристал Палас“ во Прилеп, се организираше традиционалниот Божикен ручек на кој присуствуваа над 500 деца од повеќе градови на Македонија кои се дружеа помеѓу себе и го славеа Христовото раѓање. По 9-ти пат на оваа прослава Детската Амбасада за Сите Деца во Светот го додели и престижното признание за општествена одговорност „Орденот за носител на мирот“. Оваа година ова меѓународно признание го доби УНИЦЕФ МАКЕДОНИЈА. И оваа година, покрај добитникот на „Орденот за носител на мирот“, имаше и доделување на „ПЛАКЕТА ЗА ПРИЈАТЕЛ НА ДЕЦАТА“, за кои Детската Амбасада за Сите Деца во Светот одлучи да ги додели на А.Д. „Охридска банка“ од Скопје, КДС „Кабелнет“ од Прилеп“.

 

 

„И годинава по 12-ти пат Детската Амбасада за Сите Деца во Светот го организираше Божикниот ручек, за околу 500 деца, кои тука дојдоа од Скопје, Ресен, Крушево, Демир Капија, Струмица, Битола. На оваа трпеза ќе седнат дечиња од повеќе целни групи, а имаме покането и од повеќе верски заедници. Мотото на овој настан е „Под едно небо за сите деца“. Целта на манифестацијата е сите деца да се почувствуваат еднакви, значи „Едно небо за сите“, истакна Александра Северкоска Стојаноски, извршен директор на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот.

 

Јана Неделкоска која е дете амабасадор рече дека темата на овој ручек била сите деца да бидат еднакви и сите овој голем празник да го слават на иста трпеза.

 

„Како дете слободно можам да кажам дека мене ми е особено чест што по 12 години заедно со 500 деца од цела Македониија го славиме овој многу важен празник за сите нас децата. Овој празник се слави со деца од сите верски и етнички заедници во Македонија“, изјави Јана Неделкоска, дете амбасадор.

 

Митрополит Преспанско-Пелагониски Г. Петар, кој го благослови ручеко,т истакна дека Божик е голем и спасоносен празник и затоа се нарекува мајка на сите празници. Тој потенцираше дека сите ние од чистината на децата треба да научиме како да бидеме незлобиви, дружељубиви, да бидеме искрени, чесни и да бидеме пред се луѓе.

 

„Затоа што ако Христос не се родел и не примел човечко тело за да дојде на земјата и да го спаси човечкиот род од непослушноста од гревот и смртта тогаш човекот засекогаш ќе беше жртва на сатаната и неговите демони, но од човекољубие Господ дојде и прими тело како мало дете, се роди во пештера и беше положен во јасли. А еве и денеска ние кога овој Божикен ручек се приредува за децата од детската амбасада по 12-ти пат и се радуваме што преку нивните чисти и благородни срца ќе се изврши и врз нас влијание за да и ние се однесуваме како деца во смисла на чистотата на душата, незлобата затоа што и Господ земал своевремено едно дете и рекол ако не бидете како ова дете нема да го наследите Царството небесно. Денеска радоста е голема бидејќи од децата ќе научиме да бидеме незлобиви, дружељубиви, да бидеме искрени, чесни и да бидеме пред се луѓе. Нека е честит празникот и за многу години“, истакна Митрополит Преспанско-Пелагониски Г. Петар.

 

 

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Прилеп кој за секое дете обезбеди по едно новогодишно пакетче. Јованоски на сите православни христијани им го честиташе празникот и им посака среќа, радост, љубов и берикет.

 

„Денес е голем ден, денес е Христовото раѓање. Посакувам во вашите срца да има љубов, среќа, радост и спокој и мир во вашите души. Пред се сакам да има меѓусебно почитување, почитување меѓу сите луѓе, особено почит кон децата. Денес за децата го организираме овој свечен божикен ручек на кој општината на секое дете ќе му даде по едно новогодишно пакетче. Оваа година токму за децата со церебрална парализа ќе направиме центар, каде што тие ќе бидат згрижени и се она што е потребно за децата ќе го направиме во иднина. Во оваа прилика на сите православни христијани им го честитам Божик и Божикните празници и им посакувам среќа, радост, љубов и берикет“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Општина Прилеп.

 

Досега овој Божикен ручек за овие 12 години го посетиле над 5.000 деца.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien