По 41-ви пат во Прилеп се организираше планинарскиот марш „Илија Шукуроски – Акула“

Како и секоја година така и денес по 41-ви пат се организираше меморијалниот планинарски марш „Илија Шукуроски – Акула“ на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец. За прв пат маршот се организирал во 1978 година и од тогаш не е прекината оваа традиција. Еден од организаторите на настанот, Орде Шукуроски, се потсети на времето како започнала организацијата на овој марш.

 

„Бевме поголемо друштво на млади на возраст од по 20-тина години и во 1978 година ја славевме Новата година во Домот во населбата Варош. Бидејќи многу остана за јадење и пиење од прославата одлучивме повторно да се собереме, но овој пат на манастирот Трескавец каде повторно направивме дружба. Така и започна овој марш кој го правиме секоја година првата недела по Нова година, односно на Божик. Првите ентузијасти кои го започнаа ова се Ѓорѓи Кантарџиоски, Орде Шукуроски, Љубе Андреески, Владо Андрески, Душан Спиркоски, Диме Спирскоски и им се извинувам на сите оние ако сум заборавил некого. Маршот до 2005 година немаше име и се викаше само традиционален планинарски марш. Во 2005 година почина мојот брат Илија Шукуроски – Акула, кој беше редовен учесник на маршот и организаторите и редовните учесници на маршот изразија желба овој настан да го добие неговото име. Така што од 2005 година овој марш го носи името „Илија Шукуроски – Акула“, вели Орде Шукуроски, еден од организаторите на маршот.

 

 

Од тогаш па се до денес маршот е посетуван од огромен број на луѓе од Прилеп, бројката на учесници се зголемувала од година во година и таа некогаш достигнува и над 600 посетители. И денес маршот го посетија неколку стотини љубители на планината и членови на планинарските друштва.

 

„Ние како планинарско друштво „Мамути“ секоја година го посетуваме маршот без разлика на временските услови. Минатата година беше над – 15 степени, но сепак дружбата е одлична. Годинава имаме и гости од планинарското друштво „Турни ме да кинисам“ од Битола со кои ќе го искачиме врвот „Златоврв“ вели Владимир Јованоски, претседател на планинарското друштво „Мамути“ од Прилеп.

 

Секоја година на маршот се пријавуваат по еден или повеќе домаќини кои наредната година подготвуваат ручек за сите посетители кои ќе дојдат за Божик на Трескавец.

 

Редакцијата на Инфо Компас упатува благодарност за фотографиите до Владимир Јованоски, претседател на планинарското друштво „Мамути“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи