ВИДЕО – Биџоски : Оваа година нема да има проблем со навремената достава на дрва

Прилеп годишно троши над 30.000 метри просторни огревно дрво. Неколку години наназад граѓаните се соочуваат со ненавремена достава на дрва иако тие веќе им се веќе платени. Како ќе се реши овој проблем за оваа година поразговаравме со првиот човек на подружницата „Црн Бор“, Костадин Биџоски. Според него грешката за ненавремената достава се направила лани бидејќи во Скопје многу доцна се распишале тендерите за сеча и дотур и затоа Прилеп останал без тендераши и секачи и не се стигнало со навремено обезбедување на дрва за граѓаните. Биџоски ветува дека тоа нема да се повтори оваа година. Исто така тој нагласува дека своја вина за овој проблем има и бесправната сеча која е доста застапена во Прилеп. Биџоски вели дека според него после дрогата, криминалот со бесправно исечени дрва е на второто место по нелегално заработени пари кај нас.

 

 

Неколку години наназад се јавува проблем со ненавременото доставување на огревно дрво за граѓаните на Општина Прилеп, зошто е тоа така ?

 

Во Македонија Скопје троши најмногу огревно дрво, а Прилеп годишно троши над 30.000 метри просторни. Како шумско стопанство „Црн Бор“ – Прилеп никогаш не сме можеле да ги задоволиме тие количини, потребните количини се надокнадувале од стопанствата во Македонски Брод, Крушево и другите поблиски шумски стопанства. Сега најново потребните количини прилепчани ги надокнадуваат и од бесправната сеча. Прилеп е една од општините каде што бесправната сеча е многу навлезена, после дрогата, јас верувам, дека криминалот со бесправно исечени дрва е на второто место по нелегално заработени пари кај нас.

 

Како и претходните така и ова година ние не можевме граѓаните кои имаа склучено договори со нас целосно да ги снабдиме со огревно дрво и тоа го надокнадивме со потребни количини на дрва од стопанствата во М. Брод, Демир Хисар, Крушево, но и покрај тоа остана уште една помала количина за да ги завршиме сите физички лица.

 

 

„ЛАНИ МНОГУ ДОЦНА СЕ РАСПИШАА ТЕНДЕРИТЕ ЗА СЕЧА И ДОТУР, ЗАТОА НИЕ ВО ПРИЛЕП ОСТАНАВМЕ БЕЗ ТЕНДЕРАШИ И СЕКАЧИ И НЕ СТИГНАВМЕ НАВРЕМЕ ДА ОБЕЗБЕДИМЕ ДРВА“

 

 

Зошто дојде до еден таков проблем и како планирате да се надмине тој во 2018 година ?

 

Сечата на огревното дрво не се работи само со наши работници, поголемиот дел е со фирми кои ги добиваат тендерите за тоа. На 2 до 3 единици што ги имаме кај нас тендерашите воопшто не се јавија за сеча и дотур и ние затоа моравме таа количина да ја бараме од други места. Исто и од мафијата која краде дрва и таа имаше влијание врз попречувањето на снабденоста со огревно дрво во Прилеп. Во текот на утрешниот ден треба да се распише тендерот за сеча и дотур, бараме секачи по сите единици, засега сме на добар пат. Грешката се направи лани бидејќи во Скопје многу доцна се распишаа тендерите за сеча и дотур. Со промена власта се злоупотреби таа работа и ние во Прилеп останавме без тендераши и секачи и затоа не стигнавме навреме да обезбедиме дрва. А сето тоа уште повеќе влијаеше на зголемување на бесправната сеча бидејќи ние не ги снабдивме навреме граѓаните. Мислам дека оваа година сето како проблем ќе се надмине, со тоа што веќе се пуштени новите уплати, ги пуштивме кај синдикалните организации. Дрвата ќе бидат по истата цена како и мината година, 2.580 ќе биде кубен метар бука, додека дабовото дрво ќе се продава по 2.660 денари и потанките дрва ќе чинат 2.070 денари од метар кубен.

 

 

 ВЕЌЕ Е ЗАПОЧНАТО СКЛУЧУВАЊЕТО НА ДОГОВОРИТЕ ЗА ОГРЕВНО ДРВО СО ГРАЃАНИТЕ ЗА СЕЗОНА 2018/2019

 

 

Дали веќе започнаа запишувањата на граѓаните за огревно дрво за оваа година ?

 

Запишувањата се започнати, имаме голема побарувачка, договори склучуваат пензионери, други граѓани, социјално ранливите категории, кои треба да донесат потврда за тоа и да добијат дрва со пониска цена од 10%. Исто попуст има и за бранителите.

 

Рековте дека 30.000 метри просторни годишно е потребата за огревно дрва за Општина Прилеп, колкав е капацитетот на подружницата „Црн Бор“ и дали може да ги обезбедите тие количини ?

 

Сечата годинава ја направивме да биде околу 20.000 метри кубни, значи кубни не просторни, што значи ќе ја задоволиме оваа количина со наше производство. Ако сепак ни недостасува нешто дел количини ние повторно ќе ја надокнадиме побарувачката со дрво од околните шумски стопанства. Дури дел од тие стопански организации веќе склучуваат договори со граѓани на Општина Прилеп, така што се договараме заедно граѓаните да бидат задоволени и навреме да добијат дрва.

 

 

„ПОСЛЕ ДРОГАТА ЈАС ВЕРУВАМ ДЕКА КРИМИНАЛОТ СО БЕСПРАВНО ИСЕЧЕНИ ДРВА Е НА ВТОРОТО МЕСТО ПО НЕЛЕГАЛНО ЗАРАБОТЕНИ ПАРИ КАЈ НАС“

 

Бесправната сеча не само во Прилеп туку и на ниво на Македонија е навистина една организирана мафија, како да се спречи тоа, затоа што огромни количини на дрва се сечат бесправно од планините ?

 

Тоа е голем криминал. Тука има поврзаност на крадците со шумарите, шумската полиција и редовната полиција. Таа активност многу тешко се спречува. Исто така и судот многу малку дава казни, таков е законот. Ние како шумско стопанство немаме многу ингеренции за чување на шумата. Ние имаме шумочуварска служба, но таа не може да се справи со дрвокрадците. Тие се опремени со разна опрема, возила, пари и друго. Тој организиран криминал може да се надмине единствено ако шумската полиција премине во редовната полиција, а има еден таков предлог, тогаш овој проблем ќе се надмине. Значи ако направиш прекршок ќе завршиш таму каде што и треба. Пак ќе повторам дека после дрогата јас верувам дека криминалот со бесправно исечени дрва е на второт место по нелегално заработени пари кај нас.

 

 

 

„ДЕН НА ДРВОТО“ БЕШЕ САМО ОБИЧНА ПОПУЛИСТИЧКА АКЦИЈА, А ВЕРОЈАТНО СЛУЖЕШЕ И ЗА ПЕРЕЊЕ НА ПАРИ“

 

 

Една од обврските на „Црн Бор“ освен сечата на дрва е и засадувањето на нови садници. Се укина акцијата „Ден на дрвото“, која години наназад ја организираше претходната Влада. Кој е вашиот став околу таа акција и како во иднина вие ќе продолжите со пошумување на голите терени во Македонија ?

 

Акцијата „Ден на дрвото“ беше само обична популистичка акција, а веројатно служеше и за перење на пари. Беше недоволно организирана и не беше успешна. Ние како Јавно претпријатие после секоја таква акција трошевме нови средства, собиравме нови луѓе, за да се соберат садниците кои беа расфрлени и сето тоа беше само дополнителен голем трошок. Инаку ние како јавно претпријатие по закон сме обврзани да ја пошумиме посечената дрвна маса, но тоа не значи дека секаде каде ние сечиме дека мора да пошумиме, бидејќи посечената дрвна маса слободно можам да кажам дека едно 70% и самата природно се обновува. Ние повеќе внимание посветуваме на голините кои што со закон сме задолжени да ги пошумиме. Исто така и на опожарените површини кои мораме после да ги пошумиме.

 

Еве на пример пределот кој изгоре кај гробиштата под манастирот Трескавец ние сега направивме план и програма за пошумување. Од идната недела ќе започне да се сечи опожареното дрво таму. Тука ќе треба да пошумиме околу 100 хектари. Но сега не со бор, како претходно што беше, туку со багрем или други видови на дрвја.  Но сега сепак најголемо внимание посветуваме за да може да ги извршиме сечите за да може населението навреме да се снабди со дрва.

 

Кои се вашите идни планови за развој на подружницата „Црн Бор“ во 2018 година, дали се планираат некои нови инвестиции ?

 

Јавното претпријатие има намера сечите да се вршат со што е можно повеќе наши вработени, значи со наши вработени кои имаат нивни основни средства, а ние за тоа да им плаќаме со договори. На пример во „Витолишка шума“, како и лани ќе го работиме тоа со наши вработени, но со нивни основни средства. Таа сеча е најуспешна, а јавното претпријатие превзема и иницијатива да превземе и дел од превозот, а не тоа да биде со тендераши кои те уценуваат со разни работи. Кога одбираме тендераши отсега ќе гледаме да ги одбереме барем оние вистинските, а не некој кој воопшто досега не се занимавале со оваа работа.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien