ВИДЕО – Талевски : Ќе се изработува виртуелна платформа за 6 археолошки локалитети во Македонија

Христијан Талевски е асистент и истражувач во ЈНУ Институт за старословенска култура од Прилеп чиј проект – „Просторна ГИС базирана платформа за напредно менаџирање и анализа на податоците во централниот регистар на културното наследство на Р. Македонија“ е еден од 10-те проекти во Македонија кои добија средства за нивна реализација од ЕУ за 2018 година, која пак е прогласена за година на заштита на културното наследство.

 

 

Г-дине Талевски за што точно станува збор и што ќе биде опфатено со овој проект ?

 

Конкретно станува збор за ГИС базирана платформа за напредно менаџирање и анализа на податоците во централниот регистар на културното наследство на Р. Македонија. Имено Европскиот парламент и Советот на ЕУ во мај 2017 година со одлука ја имаат прогласено 2018 година за година на културното наследство. Во прилог на тоа делегациите на Европската Унија имаа за цел да селектираат по 10 проекти од секоја држава кои што ќе бидат финансирании од нивна страна.

 

Нормално има програма, има цели кои што сакаа да се постигнат со тоа, меѓутоа основното нешто е како културното наследство, како минатото, може да се употреби за градење на една подобра иднина.

 

Кои ќе бидат бенефитите од овој проект како за обичните граѓани, така и за научната јавност ?

 

Овој мој проект опфаќа многу мал сегмент од она што значи археолошко културно наследство. Меѓутоа идејата е на еден начин да се покажат кои се потенцијалите, кои се капацитетите од изработката на еден таков систем. Ние имаме сериозна подлога за создавање на еден таков систем затоа што уште во минатото со пари на УНЕСКО се поставени основите, базата на податоци, нејзината структура. Делумна таа база која што се наоѓа во Управата за заштита на културното наследство е полна. Во случајов она што јас го предлагам е како сето тоа да биде визуелно подостапно за непосредните корисници. Една од основните цели е преку овој пилот проект, кој ќе се однесува на неколку археолошки локалитети, конкретно урбани центри од римскиот период, е да се овозможи што е можно поширок пристап и користење на повеќе нивоа.

 

На едно многу високо ниво пристап до тие податоци би имале стручните и научните кадри. Како што се слегува хиерархиски подолу, пристап би имале туристичките промотори, потоа дел од ресурсите во тој систем би можеле да се користат во едукативни програми во училиштата, би можеле да се користат за создавање на туристички патеки, би можеле да ги користат и лица со попреченост кои што неможат поради одредени ограничувања да пристапат до тие археолошки локалитети и слично.

 

Значи ова е како еден вид на виртуелна прошетка низ тие локалитети ?

 

Да, виртуелна прошетка со тоа што во зависност од потребите секој ќе може да пристапи до релевантни податоци и информации за тоа археолошко културно наследство. Истовремено со тоа самото наследство не само што се промовира туку и се заштитува, затоа што со самата дигитализација, обезбедувањето на копии од таа дигитализирана граѓа, на некој начин се заштитува и од некои незнам природни или од човечки фактор придизвикани несреќи.

 

Кои локалитети се опфатени во Македонија ?

 

Опфатени се : Скупи, Стоби, Хераклеја Линкестис, Лихнид, Исар Марвинци и Големо Градиште Коњух.

 

Дали за прв пат во Македонија се изработува еден ваков проект ?

 

Претходно во 2008 година бев дел од тимот кој што работеше на изработка на проект за ГИС платформа за археолошкиот локалитет Стоби. На некој начин искуството и познавањата на методологијата за изработка на еден таков систем планирам да ги употребам и сега, со тоа што една од главните поенти ќе биде тоа што ќе биде користен слободен софтвер.

 

Кога ќе започнеш со изработка на овој проект ?

 

Јас веќе работам на тоа затоа што проектот е поделен во неколку фази, првата фаза е собирање на сите податоци за тие археолошки локалитети, конкретно за недвижното културно наследство. Тука се вклучени сите објекти и целокупната инфраструктура, планови, мапи, пресеци, буквално целата просторна граѓа која што може да биде корисна ќе се собира, таа се анализира, а потоа во втората фаза на проектот заедно со еден мој колега ќе преминеме кон создавање на таа виртуелна платформа во која што сето собрано претходно знаење ќе може да се имплементира и да се постави.

 

Сепак во склоп на овој проект не се предвидени и средства за сето ова да биде достапно преку интернет. Предвидени се средства за промоција на самиот проект.

 

Аплицирано е за дополнителни средства до Министерството за култура. Чекаме одговор на конкурсот, доколку бидат обезбедени тие дополни средства ќе може не само просторната платформа туку ќе може да се наполни и таа база со податоци за секој еден објект и дополнително да се обезбеди слободен интернет пристап до тие податоци.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien