Македонија повторно се задолжува за нови 500 милиони евра, издадена шестата еврообврзница

Македонија денеска ја издаде шестата еврообврзница, а нејзината вредност изнесува 500 милиони евра. Рокот на достасување и е седум години, каматната стапка 2,75 проценти.

 

Од Министерството за финансии информираа дека ова било на историски најниска каматна стапка на една еврообврзница и дека побарувачката од инвеститорите за обврзницата била над 3,5 милијарди евра, седум пати повисока од понудата. Високата побарувачка овозможила да се постигне каматна стапка од 2,75%  на годишно ниво, односно стапка на принос од 3%.

 

Како што е предвидено со Буџетот за 2018 година, приливите од евро – обврзницата ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, како и за отплата на претходните долгови, вклучително и првата рата на PBG – кредитот од 2013 година во износ од 95 милиони евра која доспева на крајот на јануари. За првпат е извршен и делумен предвремен откуп на постоечка евро – обврзница. Поточно, извршен е предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година која достасува во декември 2020 и чија што каматна стапка е 4,8 отсто и е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75%.

 

Инаку ова ќе биде 6-та еврообврзница која ќе ја издаде Република Македонија. Првата ја издаде владата на СДСМ во 2005-та во висина од 150 милиони евра. Останатите 4 ги издаде Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2009-та се задолживме за 175 милиони евра, во 2014-та 500 милиони, во 2015-та 270 милиони евра и во 2016-та 450 милиони евра.

 

Преку еврообврзници Македонија досега се задолжи на странскиот пазар за две милијарди евра, милијарда и пол за главнината и уште 500 милиони за камати.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien