Димитров: Го охрабривме Нимиц во среда да излезе со првичен предлог за името

Одлучивме да го охрaбриме медијаторот Метју Нимиц што е можно побрзо, можеби уште сега идната среда, да излезе со една првична рамка што ќе даде надеж за суштински напредок. Најавивме спремност како министри да се вклучиме во тој процес, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.

 

„Факт е дека меѓу нас има уште разлики и ќе видиме дали ќе биде можно тие разлики да ги надминеме. Многу е важно за Грција да има појасна дистинкција меѓу државата Македонија и регионот Македонија во Грција. За нас е многу важно да нема никаков сомнеж во идентитетските прашања и многу е важно да најдеме достоинствен начин. Предлогот на Нимиц нема да биде земи или остави, туку предмет на консултации за да видиме дали можеме да изградиме заеднички став. Ова е еден товар што заеднички мора да го носиме. Прашањето за идентитетот создава една несигурност – што сме ние од утре. Ако тоа го доведеме во прашање тогаш нема да ја надминеме оваа рамка. Прашањето како ние се чувствуваме и нашиот идентитет не смеат да бидат предмет на амин на една соседна држава ниту на една меѓународна организација. Јас сум убеден дека тоа ќе успееме да го покриеме, но тоа не е доволно. Дистинкцијата на нашата држава Македонија и нивниот регион Македонија мора да се направи на начин што ќе биде достоинствен и што ќе биде прифатлив и за нас. Третото прашање е каде таа дистинкција ќе се применува и тн. и тие две прашања се врзани. Ќе треба доверба и со чист образ да излеземе во јавноста и да го браниме и наша заедничка одлука како граѓани“, вели Димитров.

 

Според Димитров Македонија не може да биде само Грчка, бидејќи не е, и не можела Македонија да биде само наша бидејќи не била, географскиот регион е голем и има три држави.

 

„И во таа смисла мислам дека вистинскиот одговор на иредентизмот е принципот на неексклузивност. И двете страни имаат право да го користат и терминот и името, и изведенките, во различни контексти. Принципот на неексклузивност или немање монопол е немање право само ние да ја користиме Македонија како Македонија“, додаде Димитров.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien