Објавен конкурсот за наградата „Никола Младенов“

Објавен е конкурсот за престижната новинарска награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија на годината, што ја доделува по 17. пат Македонскиот институт за медиуми (MИM).

 

Како што наведуваат од МИМ, конкурсот е отворен за сите професионални новинари и редакции кои објавиле свои истражувачки стории во медиумите во Македонија во текот на 2017 година, како и за оние новинари и редакции кои сакаат да пријават истражувачка сторија подготвена и/или објавена од колеги-новинари или од други редакции.

 

Нема ограничувања во однос на бројот на сториите со кои еден новинар или редакција можат да учествуваат на конкурсот.

 

Авторите на најдобрите истражувачки стории ќе добијат парични награди во износ од: 30.000 денари за првонаградената сторија; 20.000 денари за второнаградената; и -10.000 денари за третонаградената сторија.

 

Конкурсот е отворен до 9 февруари 2018 година, а апликациите може да се испраќаат по електронска пошта: mim@mim.org.mk, по пошта: Македонски институт за медиуми, Јуриј Гагарин 17-1/1, Скопје; или лично да се достават во МИМ.

 

Критериумите за избор на најдобрите истражувачки стории се достапни на следниот линк!.

 

Апликациите кои што ќе бидат испратени по пошта или доставени во МИМ треба да бидат во пет примерока, што важи и за печатените и за аудиовизуелните материјали (копии на це-де).

 

Во апликациите доставени преку интернет треба да се наведе линк до сторијата, или истата да се прикачи како додаток во е-пошта (PDF документ).

 

Наградата за најдобра истражувачка сторија МИМ ја доделува од 2001 година, со цел да го поттикне и поддржи истражувачкото новинарство, кое се смета за врвно новинарско достигнување и значаен елемент во зајакнувањето на демократијата во секое општество.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien