Членовите на „Преродба“ и „Прочкари“ наградени на карневалите во Мокриево и Куратица

Двете прилепски здруженија „Преродба“ и „Прочкари“ викендов освоија вкупно четири награди на карневалите, што се одржаа во селата Куратица и Мокриево.

 

Негувајќи ја традицијата, здружението „Преродба“ учествува на разни културни манифестации, меѓу кои и на карневали. За празникот Василица, здружението беше на два карневала: на „Странчинарски игри“ во сeлото Мокриево и на карневалот во селото Куратица, каде членовите на здружението се претставија со маската „Вдовиците од мртовечко сокаче за Прочка“.

 

„На двата карневала учествувавме со маската „Вдовиците од мртовечко сокаче за Прочка“ и на двата освоивме награди. Во Мокриево освоивме посебна награда, бидејќи бевме единствена возрасна група, а во Куратица ја освоивме третата награда за групна маска. Нашата групна маска ја сочинуваа 5 членови од здружението. Наградите се сатисфакција за вложениот труд“, вели Лилјана Ѓорѓиоска од здружението „Преродба“.

 

 

Здружението за зачувување на традицијата и културата „Прочкари“ пак е редовен учесник на карневалите во земјава. Но, често гостуваат и на слични манифестации што се одржуваат во соседните земји, од каде, по правило се враќаат со награди. Таков беше случајот и од последното нивно учество на карневалите во с. Мокриево и с. Куратица каде освоија прво односно второ место.

 

„На карневалот во с. Мокриево во категоријата ‘групна маска’ го освоивме второто место, додека во истата категорија во с. Куратица бевме првопласирани. И на двата карневала учествувавме со маската ‘Астерикс и Обеликс’. Нашата екипа броеше 30 членови, а благодарение на Општина Прилеп, ни беше овозможено да учествуваме на двата карневала“, вели Горан Р`жаникоски, претседател на здружението „Прочкари“.

 

Според Коста Петрески, член на ова здружение наградите што ги освојуваат се доказ за посветеноста и љубова кон традицијата на сите членови на здружението. Но, и потврда за нивната успешна работа.

 

 

„Веќе ги почнавме подготовките за меѓународниот карневал ‘Прочка 2018’, кој од 16 до 19 февруари по 17. пат ќе се одржи во Прилеп, а кон кој членовите на здружението за зачувување на традицијата и културата ‘Прочкари’ имаат посебен пиетет и со нетрпение го очекуваат“, изјави Петрески.

 

Здружението „Прочкари“ досега има освоено повеќе од 20 награди на карневали во земјава и во странство.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien