Димовски најавува иницијатива пред Уставниот суд за поништување на Законот за јазиците

Пратеникот на ВМРО- ДПМНЕ, Илија Димовски најавува иницијатива пред Уставниот суд доколку претседателот Ѓорге Иванов не го потпише указот за Законот за употреба за јазиците и ако пратениците го изгласаат овој Закон кога повторно би се вратил на седница.

 

„Доколку и покрај укажувањата на целокупната јавност пратениците на СДСМ повторно одлучат да гласаат за овој закон, најавувам дека ќе поведам иницијатива пред Уставниот суд на Република Македонија за поништување на овој закон“, напиша Димовски.

 

Димовски посочи дека човековите и јазичните права не се срамни и не претставуваат основа за политички пазар и мора да покажеме разбирање за таквите права, но таа процедура не треба да биде тајна, без расправа и консултација со стручната јавност и да биде во согласност со меѓународните стандарди.

 

„Нашите сограѓани имаат потреба од прецизирање, имплеметирање, па и подобрување на употребата на албанскиот јазик, но таква потреба имаат и Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и Власите. Ние мораме да покажеме разбирање и спремност за таквите барања. Но, човековите и јазични права не се срамни и не се за под тезга како постапката за носење на овој закон. Зошто тајно, зошто исклучиво, зошто со злоупотреба на европско знаме, зошто без јавна расправа, зошто без професори, факултети и институти, зошто поените на партиите се позначајни од потребите на граѓаните. Овој документ не треба да помине, а сите треба да работиме на документ во согласност со меѓународните стандарди, во согласност со Уставот и врз база на суштинските потреби на нашите сограѓани“, напиша Димовски на фејсбук.

 

Законот за употреба на јазиците пред два дена беше изгласан во Собранието.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien