Ќе се реконструира локалниот пат до прилепското село Селце

Со пари од Европската Унија од ИПА програмата за рурална инфраструктура ќе биде реконструиран локалниот пат што води до селото Селце – Прилепско. Проектот е во висина од 120.000 евра, од кои 90.000 евра се обезбедени со грант од ЕУ. Овој проект е наменет конкретно за реконструкција на патот од излезот од Прилеп кон Селце во должина од 600 метри.

 

Од Општина Прилеп информиираат дека градоначалникот Илија Јованоски го потпишал Договорот за ИПА грант за реализација на проектот „Реконструкција на дел од општински пат Л6001955 25 Прилеп – н.м. Селце“. Овој Договор е финансиран од ЕУ со 75% и кофинансиран со 25% од средствата од националниот буџет на Република Македонија.

 

ИПА програмата за рурална инфраструктура ја имплементира Министерството за финансии, а ја администрира Светска банка.

 

„Грантот од ЕУ- ИПА инвестицискиот фонд ќе ја подобри инфраструктурата во регионот, комуникацијата, а со тоа и квалитетот на животот на мештаните и деловните комуникации на фирмите што гравитираат на овој простор. Со проектот, на местото на руинираниот коловоз со широчина од 3 метри ќе се изгради асфалтен коловоз со широчина од 5 метри и тротоар од едната страна на патот со широчина од 1.5 метар. Ќе биде решено и одведувањето на атмосферските води со бетонски риголи. Со тоа ќе се подобри поврзаноста на населеното место Селце со градот Прилеп. Ова е од големо значење, пред сè за жителите на ова населено место, коишто имаат потреба, секојдневно или повремено да патуваат до градот. Реконструкцијата ќе придонесе и за заживување на манастрискиот комплекс, „Свети Димитрија“ и околината на селото Селце, кое што е атрактивна локација за многу пешаци, рекреативци, љубители на природните убавини. Според тоа, ефектите од оваа инвестиција се мултуплицираат“, велат од Општина Прилеп.

 

Инаку, на барање на Владата на РМ, Европската Унија се согласи да обезбеди 15.5 милиони евра од ИПА програмата за развој на рурална инфраструктура на ниво на цела држава.

 

Вкупниот износ на програмата, вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата изнесува 20.667 милиони евра. Овие средства им се доделуваат на општините во форми на грантови што се наменети за подобрување на инфраструктурата во руралните области.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien