Генералниот секретар на НАТО во Скопје на средби со државниот врв

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска ќе пристигне во дводневна посета на Македонија.

 

Се очекува Столтенберг да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, со министрите за надворешни работи и за одбрана Никола Димитров и Радмила Шекеринска како и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

 

Столтенберг утре напладне ќе се обрати и пред пратениците во Собранието.

 

Неговото обраќање во Парламентот ќе го слушаат и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои веќе речиси еден месец ја бојкотираат работата на законодавниот дом. Одлуката била донесена на завчера, на седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а пораката е да покажат дека стратешката определба на партијата е членството во НАТО и ЕУ.

 

Посетата на генералниот секретар на НАТО коинцидира со интензивирањето на активностите за решавање на спорот со името меѓу Македонија и Грција.

 

Се работи за прва посета на највисокиот претставник на НАТО од 2014 година, кога Андерс Фог Расмусен ја посети Македонија кон крајот на својот мандат. Претставници на Владата брифираат дека тие работеле на посетата на Столтенберг од јуни минатата година, а тој доаѓа по покана на премиерот Зоран Заев.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien