Иванов нема да го потпише указот за Законот за употреба на јазиците

Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов ја соопшти до јавноста својата одлука да не го потпише указот за Законот за употреба на јазиците.

 

„Во извршувањето на функцијата Претседател на Република Македонија секогаш сум пристапувал одговорно и со целосно почитување на Уставот, законите и интересите на граѓаните на Република Македонија. На 11 јануари 2018 година, Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за употреба на јазиците, без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и експертската јавност и без опозицијата. Уште пред да биде изгласан, во повеќе наврати укажав дека не е добро кога прашања кои се веќе апсолвирани повторно да се отвораат заради добивање на краткорочни политички поени, а на штета на трајните интереси на Република Македонија и македонскиот народ. Во последното годишно обраќање потенцирав дека овој закон е донесен со европско знаменце, без притоа да постои европска директива што налага усогласување на македонското законодавство со законодавството на Унијата. Со овој закон, Република Македонија ќе стане можеби единствената европска држава која сама си поставува услови за членство во Унијата кои никој не ги бара. За апсурдот да биде поголем, дури и укажувањата на претставниците на Европската Унија не беа испочитувани и беа игнорирани“, рече претседателот Иванов.

 

Тој анализира дека европското знаменце е злоупотребено за со просто мнозинство да се донесе закон со кој се менуваат системски закони коишто, пак, се носат со двотретинско мнозинство.

 

„Со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност.  Во услови на блокада постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија. Наместо во духот на дијалогот и соживотот да градиме мултиетничко општество преку праведни и општоприфатени закони, ние донесуваме неправеден и репресивен закон со кој се фаворизира само албанскиот јазик. Затоа, имајќи ги предвид моите согледувања за неусогласеноста на Законот за употреба на јазиците со Уставот, но и изнесените укажувања на експертската  и пошироката јавност за противуставноста на овој закон, а врз основа на член 75 од Уставот на Република Македонија, донесов одлука да не го потпишам указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. Денес упатив писмо до Собранието на Република Македонија со кое информирам дека не го потпишувам указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. Во прилог на тоа писмо се наоѓа и деталното правно образложение на мојата одлука. Ги повикувам пратениците на Собранието на Република Македонија внимателно да ги разгледаат моите забелешки.   Очекувам од нив одговорно и совесно да постапат, затоа што само така ќе дојдеме до сеопфатно решение за вистинско унапредување на употребата на јазиците, без притоа да се создаваат поделби“, порача Иванов.

 

Иванов, до македонското Собрание достави писмо со укажувања во кое јасно се наведени кои делови, членови и ставови од Законот за употреба на јазиците се спротивни и го кршат Уставот на Република Македонија.

 

Забелешките на кои укажува претседателот Иванов се нотирани на 14 страници во 21 точка, а се однесуваат на суштински забелешки во кои се појаснува апсурдноста и противуставноста на изгласаниот Закон за употреба на јазиците, вклучително и самиот назив на Законот.

 

Во правното образложение доставено од страна на претседателот Иванов, 19 членови од Законот за употреба на јазиците се наведени како противуставни. Спротивни на Уставот се нотираат членовите од 1 до 14, членот 16, 17, 22, 23 и 24. Посочените членови главно се во спротивност со Амандманот V од Уставот на Република Македонија. Во правната аргументација е посочено и прекршување на Амандманот VIII и на членовите 8, 9, 51, 52, 54 и 108 од Уставот на Република Македонија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien