Министерството за образование и наука предвидува измени за учениците.
Учениците од прво до трето одделение ќе имаат максимум четири часа дневно. Часот ќе трае 55 минути до кои 40 ќе бидат наставни, а останатите 15 минути децата ќе имаат пауза која ќе ја одреди наставникот. Тие ќе имаат севкупно шест предмети и тоа Мајчин јазик, Математика, Светот околу нас, Уметност и Физичка култура. Ова се само дел од промените во основното образование, кои денеска ги најави министерката Раната Дескоска на прес-конференција.
Големи измени се предвидени и со предметите. Природни науки и Општество ќе бидат споени во еден предмет кој ќе се вика Светот околу нас. Ликовно и музичко образование исто така ќе се интегрираат во еден предмет – Уметност. Вака ќе се намали бројот на предметите и часовите за првачињата.
На часовите по Физичко и здравствено образование се воведува стручен наставник кој во тандем со одделенскиот наставник ќе ја реализира наставата. Овој предмет во погорните одделенија се заменува со предметот Спорт.
„Фокусот е ставен на првите три одделенија од основното образование, гледано поединечно и како целина, а притоа водејќи се од прашањето со какви знаења и вештини очекуваме да се стекнат децата по завршувањето на третото одделение. Ревизијата води сметка не само за образовната компонента, туку и за воспитната, односно дава посебен акцент на формирањето на карактерот на децата“, рече министерката Рената Дескоска.
По предлог на МОН ќе се намалат и тестирањата на учениците, домашните ќе се заменат со активности и вежби на час, а ќе се воведе и служба за поддршка на талентираните ученици, како и за оние со послаб развој.
Од денеска предлозите ќе бидат ставени на јавна дебата.