Наумовски: Предлозите на Нимиц се далеку од достоинствени, нашата држава има име, тоа е Република Македонија

Македонскиот претставник во разговорите за името, амбасадорот Васко Наумовски по последната рунда разговори во Њујорк вечерва изјави дека предлозите изнесени од медијаторот Метју Нимиц се далеку од достоинствено решение.

 

Според него, рамката за разговорите е дадена во Резолуцијата 817 на Советот за безбедност, а тоа е да се надмине разликата околу името. Ниту една држава, посочи, нема право да и наметне на друга држава некакво ново име, ниту пак ОН имаат право да наметнат ново име на нејзина држава членка.

 

„Нашата држава има име, тоа е Република Македонија, името што е во основата на нашиот идентитет. Исто така, денес во 2018 година никој не може да го негира постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик. Од страна на медијаторот денеска беа презентирани некои идеи за коишто сметам дека излегуваат од оваа рамка и дека се далеку од едно достоинствено решение, но, сепак, овие предлози ќе бидат презентирани пред државно-политичкиот врв и истиот ќе може да заземе став по ова прашање“, рече Наумовски.

 

Наспроти оптимизот што го изрази медијаторот Нимиц на прес – конференцијата по средбата, Наумовски за себе рече дека не е голем оптимист.

 

„Оптимизмот е секогаш корисен, но за да се биде голем оптимист треба да има основа за тоа. Имајќи предвид што се слушнавме како изјава од грчките официјални лица, се она што што беше презентирано во рамките на овие разговори, вклучително и ова денес не ни дава простор да бидеме големи оптимисти“, додаде амбасадорот Наумовски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien