Нова рунда разговори за името во Њујорк

Facebook
Twitter
Email
Print

Денеска во Њујорк ќе се одржи нова рунда на разговори меѓу македонскиот претставник Васко Наумовски, грчкиот претставник Адамантиос Василакис и медијаторот на ОН Метју Нимиц.

 

Специјалниот претставник на Обединетите нации смета дека е создадена позитивна атмосфера, со помалку тензии и отсуство на критички коментари, па оттука смета дека е на повидок можно решение.

 

„Ова е нов предлог зошто е во ново време. Некои идеи за кои зборувавме со години. Како што кажав во едно интервју пред неколку недели, нема магија овде, никој нема да открие ништо ново. Ако имаше такво нешто ќе најдевме решение пред многу години. Луѓето во Атина, во Скопје и во ОН, не се истите, па е комбинација. Но мислам дека под сегашните околности, луѓето ќе ги разгледаат различните идеи на нов начин. Ова се обидувам да го постигнам“, изјави специјалниот пратеник Метју Нимиц.

 

„Македонија“ ќе биде дел од идното решение, потврди Нимиц.

 

„Мораме да бидеме реални. Во моментов, името на земјата е Поранешна Југословенска Република Македонија, значи името Македонија е во името во Обединетите нации и е признато од Грција со тоа име. Над 100 држави ја признаа земјата како Република Македонија, значи со името Македонија. За многу држави, Македонија е поврзано со оваа земја и мислам дека можеме да најдеме решение што ќе ги исполни грчките барања и ќе ги задоволи луѓето кај северниот сосед“, изјави медијаторот Нимиц.

 

Министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров изјави дека очекува на денешната рунда разговори медијаторот Метју Нимиц да понуди првична рамка што ќе овозможи суштински напредок во решавањето на спорот за името.

 

Тој смета дека чин на врвна политичка одговорност е да се искористи оваа шанса на позитивна атмосфера за решавање на дводеценискиот проблем, а во однос на исходот од обновениот процес Димитров за Дојче веле изјави: по природа сум оптимист, а во случајов сум оптимист со грижи.“

 

„Ние сме решени во рамки на можното да го движиме процесот кон решение. Со Грција сме соседи и вечно ќе бидеме соседи. Но, нештата не зависат само од нас, туку и од другата страна. Во моментов наша највисока одговорност е да направиме се што можеме да го искористиме овој прозорец и да се качиме на европскиот воз, бидејќи за нас таму е перспективата, напредокот, иднината“, рече Димитров.

 

Средбата во Њујорк е прва годинава, а медијаторот веќе најави нови за февруари и за март. Тој инсистира на засилена динамика на разговорите за да се искористи поволниот момент.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи