ВИДЕО : Најуникатното одбележување на празникот Богојавление во Македонија, во селото Беранци

„Водичарките“ од битолското село Беранци се уникатен и прекрасен редок спој на христијанската религија и народните обичаи. Традиција која со децении наназад единствено од цела Македонија се практикува во ова населено место за празникот Богојавление – Водици. „Водичарките“ се женска група, облечена во традиционална носија, составена од непарен број на млади девојки, најчесто седум или девет, а групата ја предводи главната водичарка.

 

Исто така во групата има и две момчиња. „Водичарките“ прво присуствуваат на црковната служба во црквата во манастирот Свети Јован Крстител кој се наоѓа веднаш над селото, а потоа со икони во рацете – на Св. Јован Крстител и на св. Богородица, „Водичарките“, предводени од локалниот свештеник, три пати ја обиколуваат црквата пеејќи ја обредната песна „Ој ти цркво лепа, цркво дос, дос“.

 

 

Беранци 19 јануари го викаат Машки Водици, додека 20 јануари, кога е соборот на Свети Јован Крстител, Женски водици. И во двата дена се одвиваат овие обичаи. Според колективната меморија на локалното население, вакви женски обредни поворки во селото имало уште во 19 век. Но за жал, поради не постоење на записи ниту етнологијата, ниту фолклористиката не можат прецизно да го датираат кога и како започнува овој обичај.

 

„Ние сме група водичарки кои секоја година по повод празникот Водици пееме песни по куќите. Нашата група треба да биде составена од непарен број девојки и две момчиња. По куќите собираме дарови и пари. Со собраните даровите ии пари купуваме вино за празникот Цветници и на тој ден организираме забава“, вели Симона Ристевска, водиичарка.

 

„Пееме три песни околу манастирот тие се „Ој тии црква, лепа цркво“, „Напред оди попот“ и „Ој ти Јованче водокрвче“. Потоа одиме долу кај базентот каде што ќе се фрла крстот и таму повторно три пати ја пееме песната „Ој ти Јованче водокрвче“. Потоа во селото ги посетуваме куќиите и ги прашуваме домаќините која песна да ја пееме, имаме песна за секој член од семејството. Вкупно се 47 водичарски песни, а оваа традиција ни ја пренесоа нашите прабаби“, вели Ангела Блажевска, водичарка.

 

Жителите велат дека оваа традиција која е уникатна во нивното село се пренесува од дамнина на младите поколенија. Се надеваат дека овој обичај ќе продолжии да се практикува и понатаму.

 

„На иницијатива на Институтот за старословенска култура и госпоѓа Елу Луческа се возобнови оваа традиција. Се договориивме оваа традиција да продолжи и понатаму затоа што таа е од голем интерес за Општина Могила и Македонија како едно уникатно случување за Водици, единствено во цела држава. Младите се заиинтересирани и мора да продолжиме понатаму“, вели Стевче Стојчевски, претседател на месна заедница.

 

„Јас 35 години живеам во ова село и од тогаш ги знам Водичарките. Порано имаше и возрасни, но сега нема. Но радува и тоа што младите сакаат да ја зачуваат традицијата“, кажа Сузана Талевска, жител на с. Беранци.

 

„Јас уште како девојче бев Водичарка. Тогаш беше поинаку малку од селото од каде што сум, не се шеташе по куќи туку се пееше сред село, сега е подруго. И тогаш со парите се купуваше вино и се што е потребно за Цветници“, истакна Трена Велевска, жител на с. Беранци.

 

Потоа откако ќе заврши црковната служба се оди во близина на базентот каде што се фрла крстот, а „Водичарките“ за целото тоа време пеат водичарски песни.

 

Годинава крстот во Беранци го фати Александар Вељаноски.

 

„Втор пат го фаќам крстот, пет пати се фрлам. Среќен сум на сите им посакувам пред се здравје и среќа“, вели Александар Вељаноски.

 

 

Откако ќе заврши чинот на фаќањето на крстот „Водичарките“ пешки од манастирот слегуваат во селото и шетаат од куќа на куќа ии пејат водичарски песни, онаа што ќе си ја порача домаќинот кој потоа ги дарува „Водичарките“. Постојат над 40 водичарски песни посветени за разни работи.

 

„Оваа традиција е од многу одамна од дедо и прадедо. Единствена ваква традиција во Македонија. Порано имаше и мали прекини, а сега е редовна. Јас порачав Водичарките кои дојдоа кај мене да ми испеат песна за беќарот кој треба да се жени и за куќата.  Ги даруваме со пари со кои се купува вино и за „Винопиец“ или Цветници се организира прослава“, вели Сребре Петрески, жител на с. Беранци.

 

„Ги пречекавме Водичарките, радосни и среќни сме. Јас порачав песни за мојата внука и мојот син кои живеат во Австралија“, рече Јагода Павлоска, жител на с. Беранци.

 

Овој навистина уникатен начин на одбележување на празникот Богојавление предизвикал и внимание кај Институтот за старословенска култура од Прилеп кои во 2016 година до Министерството за култура поднеле предлог за заштита на ова наше нематеријално културно богатство од огромно значење.

 

„Празнувањето на Водици има големо значење за селото Беранци не само за неговата религиска, интегрална, структурално-комуникациска, општествена и социјална функција туку пред се поради неговата културна и национална вредност која што се состои од две карактеристики. Првата е тоа што при празнувањето на овој обичај во селото се зачувани сите автентични, изворни, обичајно-обредни елементи со децении наназад, кои ние етнолозите ги препознаваме како голема етнолошка и фолклорна вредност. А втората карактеристика е тоа што жителите на Беранци успеале да ги инкорпорираат, односно имаме заедничко сослужување на елементите од народната и официјалната православна религија. Тргнувајќи од овие карактеристики нашата Јавна научна установа Институтот за старословенска култура од Прилеп во 2011 година изработи елаборат за валоризација на ова културно добро. А во 2016 година и предлог за заштита како културно нематеријално наследство од особено значење и категорија големо значење. Препознавајќи ги вредностите на ова културно добро ние аплициравме и со проект до Министерството за култура во 2014 година и го добивме во склопот на националната стратегија за развој на културата за 2013-2017 година. Со наслов „Водичарките од село Беранци, Битолско“, при што успеавме да снимиме рекламен спот за овој обичај, потоа до 2010 година во селото се пееле само 10-тина водичарски песни, но благодарение на проектот успеавме да ревитализираме уште 30-тина песни и истите над 40 песни да ги ставиме на ЦД, потоа волонтерски снимивме и етно документарен филм „Добре ми дојде Свети Јоване“, набавивме опинци за Водичарките и изработивме сценарио за нивен настап на различни манифестации и други културни настани. Од голема важност е да се анимира не само локалното  население туку и државата да покаже голем интерес за овој обичај и ова празнување во селото Беранци особено поради конвенцијата на УНЕСКО која ја имаме потпишано“, вели Ели Милошеска, директор на ЈНу Институт за старословенска култура Прилеп.

 

И жителите и научните работници се надеваат дека државата ќе реагира што е можно побрзо и дека „Водичарките од с. Беранци, Битолско“ ќе ги прогласи за нематеријално културно наследство од особено значење, подкатегорија големо значење. Со што доброто освен што може да претставува интерес за истражување и проучување од страна на културни и научни работници од областа на хуманистичките науки, може да се употреби и во туристички цели во насока на развој на руралниот туризам, пред сѐ, во општина Могила, но и пошироко во битолскиот/пелагонискиот регион.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи