УЈП: Физичките лица да се регистрираат како ДДВ обврзници

Facebook
Twitter
Email
Print

Управата за јавни приходи, слично како и минатата година, на „мала врата“ им наметна обврска на физичките лица кои оствариле приход над еден милион денари да се регистрираат како ДДВ обврзници.

 

Во образложението, објавено на сајтот на УЈП, се вели дека даночни обврзници можат да бидат правни и физички лица кои вршат стопанска дејност.

 

„Во вкупниот промет за регистрација за целите на ДДВ влегуваат приходите остварени врз основа на вршење стопанска дејност, како што се дејностите на вештаци и стечајни управници, приходи од земјоделска дејност, приходите остварени врз основа на договор на дело, приходите остварени од издавање под закуп на деловен простор, приходите остварени од авторски договори и права од индустриска сопственост, приходите по основ на членување во надзорен одбор и слично.“,  велат од Управа за јавни приходи.

 

Во пракса ова значи дека секој кој по некој од овие основи во 2017 година заработил повеќе од 16.200 евра имал обврска до 15-ти јануари да се регистрира како ДДВ обврзаник. На тој начин годинава за секој остварен приход, освен персонален данок на доход, ќе плаќа и ДДВ од 18 или 5 проценти.

 

Советникот во Министерството за финансии, Бранимир Јовановиќ вели дека физичките лица кои остваруваат промет повисок од еден милион денари мора да плаќаат ДДВ и за тоа не треба да има никакви дискусии или дилеми.

 

„Тука нема никаква промена направена во изминатиов период. Ова е од секогаш, од самото донесување на законот за ДДВ односно од 1999 година. Прашањето што се поставува е зошто ова порано не се спроведувало. Еден милион денари на годишно ниво се околу 16.000 евра што на месечно ниво се околу 1.400 евра. 1.400 евра отприлика заработуваат најбогатите еден процент од луѓето така што со оваа обврска да се плаќа ДДВ на прометот што надминува еден милион денари практично не се даночат сиромашните или најголем дел од луѓето, се даночат најбогатите еден процент од луѓето“, додава Јованивиќ.

 

Во брошурата на УЈП стои дека како ДДВ обврзници треба да се регистрираат оние лица кои заработуваат како вештаци, стечајни управници, потоа врз основа на наемнини, авторски договори, договори на дело, членување во надзорни одбори, земјоделска дејност. И тие, како и фирмите имаат право на поврат на ДДВ. Според законот, глобите за физичките лица кои нема да се регистрираат како ДДВ обврзници изнесуваат од 250 до 375 евра.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи