Хан: ЕУ нема да прифати земја која има отворени прашања со соседите

Не можам да кажам со сигурност дека до 2025-та година Црна Гора и Србија ќе бидат првите земји членки ЕУ од Западен Балкан, но многу нешта зборуваат дека ќе биде така, изјави еврокомесарот Јоханес Хан во интервју за ДПА.

 

Тој рече дека ЕУ сигурно нема да прифати земја која има отворени прашања со соседите и истакна дека Србија треба да ја реши ситуацијата околу Косово, како и дека има и други отворени прашања меѓу Србија и Хрватска, како и Албанија и Грција.

 

Според ова тврдење на Хан истото би се однесувало и за Македонија, без промена на иимето нема влез во ЕУ.

 

„Во иднина во ЕУ, не смее да има конфликт околу границите како оној помеѓу Словенија и Хрватска“, рече тој.

 

Хан додаде дека не го замислил датумот 2025 како сигурна цел, но предноста на целта, како што вели, е да се предизвика нова динамика.

 

„Ова е индикативен план што може да се постигне ако сите учесници дадат  „гас“, рече Хан.

 

На 6 февруари, тој ќе ја претстави новата стратегија за проширување на Европската комисија, а потоа ќе ги посети Србија и Црна Гора. Хан верува дека до крајот на бугарското претседателство со Унијата во јуни, двете земји ќе отворат нови преговарачки поглавја.

 

„Во стратегијата за членство во Унијата треба да се потенцира она што кандидатите треба да го исполнат до овој датум. Ако некој сака да се приклучи до 2025-та година, тогаш треба преговорите да завршат во 2023-та година“, рече Хан.

 

Додаде дека е важно кандидатите да живеат со европски вредности и дека некои балкански земји покажале солидарност за време на миграциската криза.

 

„Европа не може да се сведе на банкомат“, рече тој и додаде дека регионалната економска заедница Западен Балкан, која тој ја иницира, не претставува никаков маневар за киднапирање на вниманието од перспективата за пристапување, туку е важен аспект на идниот заеднички пазар на ЕУ.  Еврокомесарот вели дека од самитот за Западен Балкан, закажан за 17 мај во Софија, се очекува европските перспективи на земјите од регионот, заедно со барањата на ЕУ, да бидат потврдени. Тој рече дека ЕУ исто така треба да спроведе информативна кампања, бидејќи според него не постои вистинска еуфорија меѓу граѓаните за проширување.

 

„И Австрија може да преземе акција за време на претседателствувањето со ЕУ во втората половина на оваа година, бидејќи е прифатена на Балканот“, рече Хан.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien